Џељаљ Бајрами: Ако има индиции за сторени кривични дела во Сарај или други места, ќе има и кривични пријави

Макфакс

05/10/2018

13:08

2.672

Големина на фонт

а а а

Во текот на организирањето и спроведувањето на референдумот регистрирани се 40 нарушувања во врска со остварување на правото на глас и референдумот, информираше на прес-конференција јавниот обвинител Џељал Бајрами. Тој објасни дека во Скопје еден од настаните се случил пред референдумот, а другите за време на референдумот. По овој предмет, како што рече Бајрами, се постапува.

„На денот на гласањето не се регистрирани нерегуларности во Куманово, Крива Паланка, Кавадарци и Гевгелија. Во Скопје имало 29 настани, се однесувале на незначитечни настани и се решени истиот ден. Во Аеродром имало инцидент кога лице дошло и викало и навредувало гласачи. Тројца полицајци го смирувале, при што давал физички отпор. Добил пријава за напад на службено лице“, изјави Бајрами.

Тој појасни дека има пријави за неовластено снимање гласачи, а откако екипи излегле на терен воочиле дека тоа биле новинарски екипи.

„Два од овие настани сè уште се истражуваат“, рече Бајрами.

Како што додаде, во Струга имало два настани. Елементи за кривично дело има во село Мислешево, каде член на избирачкото тело се обидел да стави празни ливчиња во кутијата, но бил спречен. За овој настан, јавниот обвинител дал наредба да се најде лицето, а празните ливчиња да се одземат. Сторителот сам се пријавил во полиција.

„Другиот настан во Струга е за фотографирање гласачи, но тоа е правено надвор од територијата на гласачкото место па затоа нема елементи за кривична одговорност.

Во Битола лица убедувале гласачи да не гласаат. Случајот сè уште се разгледува и ќе се расчисти“, рече Бајрами.

Во Гостивар има два случаи, во првиот, гласач гласал, па нервозен го стуткал ливчето, по што барал ново.

Во Штип, пак, има два настани, а кривично дело има во едниот.

Маж дошол со жена да гласа. Жената се претставила дека е неписмена и ѝпомагал член на избирачкиот одбор да гласа. Откако гласала, сопругот го зел ливчето, отворил и искинал. Поднесена му е кривична пријава“, истакна Бајрами.

Тој информираше дека по електрнски пат се доставени 15 информации, а се постапувало и по пријавите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јавното обвинителство ќе постапува по поднесените кривични пријави од ВМРО-ДПМНЕ, ако има кривична одговорност, ќе се поднесе пријава. Доколку има индиции за сторени кривични дела во Сарај, но и други места, тогаш ќе се постапува“, предупреди тој.