Британската премиерка, Тереза Меј, вчера изјави дека преговорите за излегување на Велика Британија од Европската унија влегуваат во најтешката фаза и ја повика својата поделена Kонзервативна партија да престане со препукување во врска со брегзит и да го поддржи нејзиниот план за идниниот трговски споразум.
Обраќајќи им се на членовите на Конзервативната партија, премиерката рече дека британските предлози се многу предизвикувачки за ЕУ.
Таа изјави дека отстапувањето од Европската унија без договор, на почетокот би било многу тешко за Британија и лош исход за двете страни.
Меј на подиумот во салата каде што се одржува годишната конференција на партијата излезе со звуците на песната од групата АББА, „Денсинг квин“, вртејќи се во круг.
Меѓутоа, многумина коментираа дека повторно потфрлила со нејзините здрвени движења.
На крајот на август, светот ја обиколи снимката од Меј како игра на африкански ритми што предизвика многу смеа поради нејзините невешти движења.
Нејзиниот танцувачки стил е познат под името „мејбот“ поради роботската вкочанетост. На Твитер многумина се пошегуваа дека Тереза Меј го уништила хитот на групата АББА.