Претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев, тврди дека тајните служби од МВР ги следеле комуникациите во Амбасадата на Русија и дел од лицата кои се вклучени во работата на партијата Единствена Македонија.
Причината за следењето на комуникациите, според Бачев, е поради тоа што неговата партија се залагала за стратешки сојуз со Русија и членство на Македонија во Евроазиската економска унија. Бачев не сакаше да го покаже текстот на документот бидејќи истиот, според него, бил државна тајна.
„Зоран Заев најави дека нема да се злоупотребуваат тајните служби, истото го кажа и Спасовски. Тајната полиција ги следи политичките противници. Тајните служби ја следат Единствена Македонија бидејќи се залага за сојузништво со Русија. За тоа има и документ каде се заведени оперативни обработки на конкретни лица од раководството на Единствена Македонија“, рече Бачев.
Тој порача дека се следи и дипломатскиот кор на Аамбасадата на Русија во Скопје, што, како што вели Бечев, е спротивно на дипломатските конвенции и самото по себе е дипломатски скандал бидејќи Виенската конвенција за дипломатски односи забранува вакви активности на домашните служби. Според Бачев, овие дејствија биле спротивни со Уставот бидејќи истиот гарантира дека Македонија може да членува во меѓународните организации, но не пишува во кои. Тој вели дека Власта е купена од странски центар, од каде е контролирана.
„Со документот се известува министерот за внатрешни работи, а оттаму, се известуваат и премиерот, претседателот на Владата, Собранието, државата. Со оперативно и технички дејствија, кои ги користи тајните служби, кон нас се применуваат три средства, тоа се следење на телефонските линии, фотографирање и тајно видеодокументирање. Можете да правите сè, но нема да дозволиме да ни го убиете духот бидејќи ако го направите тоа, тогаш ќе ни го убиете името. Ова е битка за Македонија. Новата легална власт со чело на Единствена Македонија веќе доаѓа“, додаде Бачев.