Заев: Нема да поднесам оставка – ако нема одлука во Собранието, ќе организираме избори веднаш!

Точка

30/09/2018

23:53

13.358

Големина на фонт

а а а

Премиерот на Македонија, Зоран Заев уште еднаш изјави дека мнозинството гласови одлучиле дека патот на нашата земја води кон НАТО и ЕУ, а сега на потег се Собранието и пратениците.

„Денес е важен ден за нашата држава и нашите граѓани. Граѓаните со својот мнозински глас порачаа дека нашиот пат и иднина се во НАТО и ЕУ. На овој референдум граѓаните ја покажаа својата демократска зрелост. Ова е прилика да им се заблагодарам на сите граѓани и на тие што гласаа „За“ и на тие што гласаа „Против“ бидејќи тие превзедоа одговорност. Одлучија гласовите на тие што гласаа“, изјави Зоран Заев.

„Европска Македонија доби повеќе гласови „За“ од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија. Дури и ако имаше цензус, дури и ако имаше еден милион и 100 илјади гласачи, овој резултат од 600 илјади граѓани кои гласале „За“ ќе значеше јасна одлука на граѓаните и јасна определба „За“ европска Македонија“.

„Сега кога имаме мнозинска изразена волја „За“, време е пратениците да го следат гласот на мнозинството со цел да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ и да обезбедиме подобра иднина. Гласот на граѓаните е јасен повик сите политички партии да му се приклучат на процесот и да работат за заедничката цел. Ги повикувам сите лидери и пратеник, да се обединиме и да ја одведеме нашата земја таму каде што припаѓа, во ЕУ и НАТО“.

„Ова е време кога заедништвото на политичките претставници е најпотребно. Ова е момент кога пратениците со својата одлука имаат обврска да ја направат Македонија подобра земја. Во спротивно, единствена друга демократска алатка која преостанува се предвремените парламентарни избори веднаш“.

Премиерот Заев откри дека доколку биде донесена одлука да има избори, тие би се одржале на 25-ти ноември, нагласувајќи дека сепак тоа е една крајна алтернатива и дека ќе побара и средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Заев одговори и на прашањето дали ќе го оствари ветувањето за поднесување на оставка ако референдумот биде неуспешен: „Ако мнозинството на гласови беа „Против“, тогаш ќе го направев тоа. Но, кога поголем број од граѓаните гласале „За“, тогаш не само што немам намера да поднесам оставка, туку имам обврска да ја направам Македонија членка на НАТО и Европската унија“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг