Караванот на Кризниот штаб против референдумот во рамките на кампањата „Македонија-бојкотира“ одржа митинзи во Драчево, Кисела Вода и Аеродром.
Од партијата „Единствена Македонија“, која е дел од кампањата, оценија дека општиот впечаток од средбите е дека Македонија мора да се одбрани од, како што велат, пучистичката власт во Скопје купена и контролирана од странски центар и констатираат дека граѓаните масовно ќе бојкотираат и нема да излезат на референдумот.
„Скапо платената кампања на марионетската влада во милиони евра народни пари од буџетот само служи за потсмев. Заев најбезобразно лаже дека малтене на Табановце чекаат милијарди евра од ЕУ и само се чека да го смениме името и големи пари ќе нагрнат во Македонија и сите ќе биде среќни и богати. Една голема лага. Ние водиме голема битка која не е лесна, но немаме друг пат. Не им било лесно и нашите претци. Можел и Татарчев да не прифати да биде на чело на ВМРО, можел и Питу Гули да не оди на Мечкин Камен, Кузман не морал да ги инспирира партизаните со ВМРО и Илинденците, Делчев и Груев можеле да бидат само учители, а не идеолози и револуционери. Ама така ќе ја немаше Македонија. Не може човек да одлучи само кога ќе се роди. Се друго е одлука. А нашата одлука е да се бориме“, истакнаа од „Единствена Македонија“, посочувајќи дека ова не е битка на индивидуалци и лидери, туку е битка за Македонија и за опстојување на цел еден народ.