Родителите на децата од „Мис Попинс“: Градинката се затвори за 24 часа, децата ни останаа незгрижани

Макфакс

24/09/2018

16:57

2.922

Големина на фонт

а а а

Родителите чии деца престојувале во приватната градинка „Мис Попинс“ обвинуваат дека директорката извисила 24 деца кога за 24 часа решила да го затвори објектот.

Директорката Маргарита Бакев вели дека ја донела оваа одлука бидејќи вчера бил поплавен подземниот дел, а родителите велат дека таа лаже. Повикуваат Министерството за труд и социјална политика, Финансиската полиција и другите институции да ја испитаат работата на „Мис Попинс“ и актуелната директорка.

Тони Гацов, чие дете одело во градинката, вели дека проблемот со подземните води е стар една и пол година, дека нема поплава и се сомнева на криминал и перење пари. Според него, одлуката на директорката е скандалозна.

„Вчера, во 16 часот, на ‘Вибер’, на неофицијален начин, сите родителите на децата во оваа градинка беа известени дека таа се затвора. Причина за тоа се подземни води. Меѓутоа, тој проблем е стар една година. Скандалозно е тоа што вие како сопственик на градинка, една племенита и општествено одговорна функција, извисувате 24 дечиња. Апелирам институциите да го испитаат ова бидејќи ние се сомневаме на заднински ситуации. Финансиската полиција да испита дали сметката се користела за други цели“, вели Гацов.

Директорката Маргарита Бакев во своја одбрана вели дека по поплавата, не постојат хигиенски, санитарни и здравствени услови за згрижување на децата. На прашањето, доколку проблемот е стар, како децата ја посетувале градинката досега, таа вели: „Децата не престојуваа во просторијата каде што имаше влага“.

„Од родителите имавме притисоци за состојбата. Бидејќи не сакав повеќе да згрижувам деца во несоодветни услови, ја донесов оваа одлука. Тука не се работи за морал, туку за нешто што е во согласност со законот и нешто што е од аспект на лична одговорност и лично чувство на совесност дали треба да згрижуваш деца во простор каде што реално има вода. МТСП нема направено контрола во објектот оваа година, а пред две години на отворањето на објектот немаше никакви забелешки“, рече Бакев, која претходно раководеше со „Паркинзи на Општина Центар“.

Вработените во градинката ќе останат без работа. Директорката Бакев вели дека градинката ќе се отвори веднаш штом најдат нова локација, а родителите упатија апел до јавноста да не си ги запишуваат децата во оваа градинка со која ќе раководи актуелната директорка Бакев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг