Швајцарците в недела ќе излезат на три референдуми

Макфакс

21/09/2018

10:23

1.075

Големина на фонт

а а а

Швајцарските гласачи в недела излегуваат на два референдума со кои сакаат да го заштитат квалитетот на својата храна и земјоделството во целина, пренесуваат тамошните медиуми, а истиот ден ќе се одлучува и за правниот статус на велосипедските патеки.

Швајцарија е главно урбано општество, но земјоделството е важен дел од нејзиниот културен идентитет, кој, според многумина, е загразен од увозот на евтина храна, која ги урива високите швајцарски стандарди.

Поради тоа, Швајцарците на 23 септември ќе излезат на избирачките места на двата референдума за иднината на индустријата за храна, кои се закажани откако нивните поддржувачи собраа повеќе од 100 илјади потписи, колку што се предвидени со Законот за директна демократија.

Првиот референдум е познат како Иницијатива за праведна прехрана и со него се повикува федералната влада да промовира еколошко и праведно производство на храна која предвид го зема и добриот третман на животните. Се предлага да се воведе подетално означување на производите и да се преземат мерки против фрлањето храна.

Вториот референдум се однесува на „суверенитетот на храната“ и повикува на радикално преструктуирање на земјоделскиот сектор, со поголем фокус на малите, семејни економии. Се предлага забрана за генетичка технологија, мерки за зголемување на бројот на вработени во земјоделството, одредување фер цени за сите производи и поголеми царини на увезената храна.

Првиот референдум е промовиран од страна на Швајцарската зелена партија, а вториот од швајцарскиот земјоделски синдикат Унитере.

Противниците, вклучувајќи ја и швајцарската влада, веруваат дека усвојувањето на двете барања ќе доведе до зголемување на бирократијата и трошоците и ќе ја втурне Швајцарија во конфликт со постојните меѓународни трговски договори.

Според анкетите, резултите ќе бидат тесни.

Швајцарците в недела исто така ќе гласаат на референдум што го објави владата за да ја потврди својата одлука од март дека велосипедските патеки законски се изедначени со пешачките и планинските патеки.

Имено, Швајцарците пред четириесет години во Уставот внеле одредба за задолжително одржување и изградба на пешачки и планински патеки, а денес истата сакаат да ја прошират и со велосипедски патики.