Џафери- Мичел: Фокусот на САД за регионот е константен и непроменет

Макфакс

13/09/2018

18:56

903

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со помошник-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Вес Мичел, кој е во официјална посета на нашата држава.

Според претседателот Џафери, ова е уште една во низата посети на официјални лица од САД како потврда на јасната, силната и недвосмислена поддршка за Република Македонија. Со ова се докажува посветеноста на нашиот стратешки партнер за унапредување на интеграцискиот процес на нашата земја во НАТО и ЕУ.

Во продолжение, Џафери рече дека приоритет на новото мнозинство е реализацијата на стратешката цел на Република Македонија, а тоа е полноправното членство во НАТО и затоа претходно фокусот беше насочен кон подобрување на односите со соседите. Првин се потпиша Договорот за пријателство со Република Бугарија, а потоа и Договорот со Република Грција, за да се надмине и последната пречка во реализацијата на целта.

Вес Мичел, од своја страна, рече дека јавноста во Република Македонија е веќе свесна за тоа колку силно САД го поддржуваат Договорот од Преспа и ја подвлече важноста на позитивниот исход на претстојниот референдум, имајќи предвид дека тоа е во полза на државата. Тој истакна дека САД и понатаму ќе пружат недвосмислена поддршка за напредокот на Република Македонија, уверувајќи дека фокусот на неговата земја за регионот е константен и непроменет.



Спонзорирани линкови

Маркетинг