Стоилковски: Заев ги повика граѓаните за поткуп од 6 илјади денари да ја продадат државата и идентитетот

Макфакс

13/09/2018

16:42

1.151

Големина на фонт

а а а

Зоран Заев ја одреди цената за која што граѓаните треба да се откажат од националниот идентитет, односно отворено порача колку чини откажувањето од историјата, традицијата и културата, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Како што рече тој, Заев на отворена сцена, среде митинг, повикал сопственици на компании и бизнисмени да ветуваат или даруваат подарок или друга материјална корист за избирачко право.

„Заев побара од бизнисмените да даруваат пари и материјална корист на вработените, а од друга страна кон работниците настапи со барање и очекување за 6 илјади денари да ја продадат државата и идентитетот. Ова е скандал без преседан! Чист криминал за кој што во секоја правна држава се оди директно во затвор! Ваква монструозност, вакво отворено бесрамно признание, поттикнување и заплашување за изборни цели, е незапаметено во Република Македонија. Колку и да е клиентелистички и под притисок македонскиот правен систем, за ова мора да има кривична одговорност“, кажа Стоилковски и додаде дека признанието на Заев е потврда на кривично дело кое во правниот систем на Република Македонија е опфатено во најмалку четири Закони.

На крајот, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека ова е признание по кое Јавното Обвинителство веднаш мора да поведе истрага.



Спонзорирани линкови

Маркетинг