Меркел: Не останувајте дома за референдумот, излезете и дадете го својот глас

Макфакс

08/09/2018

14:03

5.511

Големина на фонт

а а а

Германската канцеларка Ангела Меркел по средбата со премиерот на Република Македонија Зоран Заев, на заедничката прес-конференција ги повика граѓаните на Македонија на денот на референдумот да излезат и да го дадат својот глас.

„30 септември е клучен ден за вашата држава. Излезете на референдумот и кажете што мислите за државата. Ова е историска и генерациска шанса за Република Македонија, која не треба да се испушти“, рече Меркел.

Таа исто така истакна дека Македонија има покана за членство во НАТО, но за членство во Европската Унија има уште многу да сработи, вклучувајќи и успешен референдумот на 30 септември.

Германската канцеларка за време на прес-конференцијата изјави дека нема да се сретне со претседателот Иванов, но ќе се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на кој ќе му укаже дека од клучна важност е разговорот и договорот помеѓу власта и опозицијата.

Меркел покрај другото рече дека досега 200 германски комапнии инвестирале во Македонија и дека економската соработка и блискоста помеѓу двете земји ќе продолжи и понатаму.

„Во Германија има 100 илјади државјани на Република Македонија, кои претставуваат на некој начин мост помеѓу двете земји. Економската соработка ќе продолжи. Нашата држава ќе донира уште 2,5 милиони евра за стручното образование на младите во Македонија“, рече Меркел.

Заев: Посетата на Меркел е гаранција за влез на Македонија во ЕУ и НАТО

Премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел рече дека посетата на канцеларката е силен поттик во пресрет на референдумот, поттик и поддршка за Договорот со Грција и гаранција за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Голема чест е на денешниот ден, 8 Септември, 27 години од независноста на Македонија, гостин во нашата држава да биде канцеларката Ангела Меркел. Тогашниот референум, идентично како и овој, е за иднината на Република Македонија. Посетата на Меркел претставува силен поттик за успешен референдум, поддршка за Договорот со Грција и гаранција за влез во ЕУ и НАТО“, рече Заев.

Премиерот Заев истакна дека Македонија ја цени поддршката од Германија, но за комплетирање на евроатлантските интеграции потребно е целосно имплементирање на реформите во државата.

„Наше е да покажеме резултати, за поддршката која ја имаме од Германија и останатите европски земји, ќе возвратиме со успешен референдум“, изјави Заев.

Премиерот исто така истакна дека Германија е најголемиот еконосмки соработник и поддржувач на Република Македонија и дека дури 47 отсто од извозот на Македонија оди во Германија.