Столтенберг: НАТО не присилува ниедна држава да стане нејзина членка, ќе ја почитуваме одлуката на граѓаните

Макфакс

06/09/2018

13:47

1.463

Големина на фонт

а а а

Во рамките на официјалната посета на Македонија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, оствари средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

На средбата, на која присуствуваа и координаторите на пратеничките групи во Собранието, Соња Мираковска, Драган Данев, Ејуп Алими и Африм Гаши, како и претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, Џафери изрази голема благодарност до генералниот секретар Столтенберг за неговиот личен ангажман и поддршка на Македонија во добивањето поканата за полноправно членство во НАТО на Самитот во Брисел.


Џафери пред присутните, меѓудругото истакна дека Македонија посветено работи на исполнувањето на реформската агенда, преку годишните планови за членство, но и со усвојувањето на Стратегискиот одбранбен преглед, кој предвидува модернизација на Армијата и на целокупната одбрана на земјата. Фокусот на активностите паралелно е насочен и во градењето и негувањето конструктивен дијалог со соседите и решавање на отворените прашања, како предуслов за индивидуален напредок, но и придонес кон регионалната стабилност, додаде Џафери.

Генералниот секретар Столтенберг го поздрави потпишувањето на Договорот со Грција и ја подвлече натамошната поддршка на НАТО во исполнувањето на реформските процеси, а особено изрази задоволство од донесувањето на Стратегискиот одбранбен преглед. Нагласи дека за финализирање на процесот е потребна ратификација во Парламентите на сите 29 земји членки на алијансата, која ќе се реализира откако ќе бидат завршени сите обврски поврзани со имплементацијата на договорот, односно донесувањето на уставните измени.

Столтенберг потенцирал деке е свесен дека станува збор за чувствителни прашања за двете држави, но верува во позитивното заокружување на овој процес.

Алијансата не присилува ниедна држава да стане нејзина членка, таа ќе ја почитува суверената одлука на граѓаните на претстојниот референдум, позитивна или негативна, но предочи дека влегувањето во алијансата секогаш носи големи придобивки за граѓаните, не само од безбедносен аспект, туку и економски бенефит, пораст на странските инвестиции и долгорочна општествена стабилност, нагласи генерелниот секретар на НАТО.