„Џевахир холдинг“ за посилен МЗТ

Макфакс

04/09/2018

14:54

2.055

Големина на фонт

а а а

Македонскиот вицешампион и претставник во АБА2-лигата, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, во новата сезона влегува значително засилена со нов спонзор, компанијата „Џевахир холдинг“.

Станува збор за турска компанија која стои зад висококатниците во општина Аеродром и со која клубот потпиша едногодишен договор за соработка, со можност истиот да биде продолжен и на подолг период.

На денешната промоција на спонзорството присуствуваа Златко Марин, градоначалникот на општина Аеродром, која е целосен сопственик на акционерското друштво МЗТ Скопје Аеродром, Есер Џевахир, сопственикот на „Џевахир холдинг“ и извршниот директор на клубот, Тони Грнчаров.

„Голема благодарност до ‘Џевахир холдинг’ за инвестицијата во МЗТ Скопје Аеродром, со што уште еднаш покажа општествена одговорност за развојот на спортот и развојот на кошаркарскиот клуб од нашата општина“, изјави Марин.

Првиот човек на „Џевахир холдинг“ исто така изрази задоволство од постигнатиот договор, со надеж дека тој ќе биде потстрек за остварување уште подобри резултати во иднина.

„За нас претставува задоволство што ќе соработуваме со клуб како МЗТ Скопје Аеродром. Се надевам дека оваа соработка ќе биде на подолг рок. Очекуваме клубот да има успеси не само во нашата држава туку и надвор од неа. Меѓутоа, свесни сме дека во спортот има голема конкуренција“, изјави Џевахир.

Директорот Грнчаров, пак, потенцира дека ова спонзорство и тоа како ќе биде од помош за МЗТ Скопје Аеродром.

„Нам како клуб многу ни значи поддршката што ја добивме од ‘Џевахир холдинг’. Секому му се потребни стабилни средства во спортот. Договорот е потпишан на една година, но се надевам дека оваа соработка ќе трае подолго. Засега играчкиот ростер е затворен, а дали во скора иднина ќе треба да се засилуваме, зависи од одлуката на тренерот Ѓорѓи Кочов“, изјави Грнчаров.

На крајот од прес-конференцијата, градоначалникот Марин на сопственикот на „Џевахир холдинг“ му подари дрес на МЗТ Скопје Аеродром со негово презиме, кој, како што потенцира Џевахир, нема да биде носен само од него туку и од неговиот син.



Спонзорирани линкови

Маркетинг