Апасиев: Бојкот на референдумот е единствен механизам за самоодбрана од оваа кашапопара

Макфакс

03/09/2018

15:44

4.896

Големина на фонт

а а а

Апасиев вели дека консултативниот референдум кој е распишан мора да биде претходен, а не откако ќе се донесе одлуката како што е во случајот со договорот за името со соседна Грција.

Граѓаните и стручната јавност не знаат каков вид референдум распиша Собранието. Тврдам дека бојкотот е единствениот механизам за самоодбрана во оваа кашапопара од референдум што ни ја приготви власта. Согласно со Венецискиот кодекс, неуспешен референдум е доколку нема цензус, односно доколку нема цензус нема ни одлука за името, рече Димитар Апасиев на денешната трибина „Договорот меѓу Грција и ‘втората страна’: Пандорина кутија или излез од лавиринтот“, која се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.

Тој вели дека консултативниот референдум кој е распишан мора да биде претходен, а не откако ќе се донесе одлуката како што е во случајот со договорот за името со соседна Грција.

– Според временскиот момент има претходен референдум, односно пред да уредите некое прашање, и дополнителен-откако сте го решиле прашањето. Според толкувањето на Законот за референдум, консултативниот референдум мора да биде само претходен за претходно консултирање на граѓаните, вели Апасиев.

Според професорот на универзитетот во Штип, актуелната власт со поставувањето на ЕУ во текстот на прашањето си направила дополнителен проблем кој е поврзан со бројот на граѓани кои ќе гласаат на референдумот и неговата успешност.

– Дополнителна грешка што е направена е тоа што во членот 120 не постои консултативен референдум за сојузување. Тој референдум мора да биде задолжителен. Тие НАТО го третираат под член 121, дека тоа не е сојуз туку е меѓународна организација, а за тоа треба само апсолутно мнозинство во парламент. Но со ставањето ЕУ во прашањето сами си ја искомплицираа ситуацијата, ова по автоматизам го активира членот 120 кој е убиствен за нив во оваа ситуација, рече Апасиев.

Паралелно со ова, како што вели Апасиев, се менува и бројката на гласови за успешност на референдумот, односно доколку излезат 50 отсто од граѓаните од избирачкиот список сите мора да гласаат „за“ за референдумот да помине.

– Со активација на членот 120, прашањето на цензусот останува ист, односно 50 отсто од излезените гласови, но од излезените сите мора да гласаат „за“, односно 910 илјади граѓани бидејќи е апсолутно мнозинство, и според членот се бара мнозинство од запишаните избирачи од избирачкиот список. Тоа значи и да помине референдумот, со 450 илјади гласови „за“ нема одлука, одлука има само со 910 илјади гласови, а не со толкава излезеност, вели Апасиев.

Тој тврди дека владата правно потфрлила и во текстот на референдумското прашање бидејќи се поставени 3 прашања на едно ливче, што е спротивно на венециската конвенција.