Партијата на пензионери повикува на масовно учество на референдумот

Макфакс

31/08/2018

09:18

2.384

Големина на фонт

а а а

Партијата на пензионери информира дека на седница недвосмислено и безрезервно го потврдиле својот став за неопходност од референдумско изјаснување на граѓаните на Република Македонија за Спогодбата „за решавање на спорот“ со Грција. Тие ги повикуваат своите членови и граѓаните за масовно учество на референдумот на 30 септември, со што ќе придонесат во реализирање на стратешката определба на земјата за зачленување во НАТО и ЕУ.

,,За Партијата на пензионери не постои „поважен и попатриотски“ чин од обезбедување на стабилност на земјата и долгорочна демократска перспектива, просперитет и иднина на генерациите кои доаѓаат”, се вели во соопштението.

Партијата информира дека, како членка на Коалицијата „Излези ЗА Европска Македонија“, активно ќе учествува во кампањата за референдумот прифаќајќи го како најдемократската форма на одлучување на граѓаните.

,,Афирмирајќи го својот став ЗА, ПП најостро се противи на сите облици на повикување и организирање на бојкот на референдумот, оценувајќи ги како намера и обид за гушење на народната воља поради неспремност на носителите на ваквите иницијативи за „соочување со народот“. Од тие причини ги повикуваме органите на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија јавно да се огласат и по примерот на Сојузот на борците на Македонија и други бројни невладини организации да го повикаат своето членство масовно да излезе на Референдумот, а секој пензионер, откако целосно ќе се информира, со дадениот глас да придонесе во одлучувањето за иднината на своите деца и внуци”, се додава во соопштението.