Повеќе од 300 американски медиуми отпочнаа кампања против Трамп: "Не сме непријатели, ти водиш валкана војна против нас"

Точка

16/08/2018

12:15

3.162

Големина на фонт

а а а

Повеќе од 300 американски медиумски организации отпочнаа кампања за слобода на печатот како одговор на нападите на претседателот Доналд Трамп врз новинарите.

"Boston Globe" минатата недела упати повик до националните медиуми како критика на претседателската "валкана војна" против нив, користејќи го хаштагот "Ничиј непријател" (#EnemyofNone). 

Трамп повеќе пати ги критикувал медиските наводи како "лажни вести" и ги нарекувал новинарите "непријатели на граѓаните".

Во својот денешен уреднички коментар со наслов "Новинарите не се непријатели", "Boston Globe" наведува дека слободата на печатот е суштина на американскиот принцип повеќе од 200 години:

"Големината на Америка зависи од способноста на слободниот печат да им ја кажува вистината на одговорните. На печатот да му се лепи етикета на непријател на народот е неамерикански и е опасно за граѓанскиот принцип", оценува "Boston Globe" .

Водечките американски весници и помалите локални медиуми ветиле дека ќе го следат овој повик, на кој се придружиле и некои странски медиуми како што е британскиот "Guardian". На повикот се одзвале 343 американски редакции меѓу кои се "The New York Times", "Chicago Sun Times", "Philadelphia Inquirer", "Miami Herald" и "Dallas Morning News".

"Трамп е првиот претседател кој "води смислена и конзистентна политика на поткопување, делигитимирање, па дури и загрозување на работата на медиумите", наведува лондонскиот весник.


Но, има и медиуми кои не се согласуваат со акцијата. Во една колумна објавена во "Wall Street Journal" е наведено дека таквата акција не е во склад со независноста на уредништвото и дека Трамп има право на слобода на говор подеднакво како и неговите противници и медиумите.

"Иако се согласуваме дека нарекувањето на новинарите "непријатели на американскиот народ" и дека шират лажни вести не само што е штетно за нашата бранша туку е и деструктивно по нашата демократија, сепак, координираниот одговор на независните, да не речеме "мејнстрим" медиумски организации, го потхранува наративот дека медиумите се некако настроени против овој републикански претседател", се наведува во уводникот на "Baltimore Sun".



Спонзорирани линкови

Маркетинг