Кој е виновен за трагедијата во Италија?: Угледен професор упатил драматичен апел пред две години

Точка

15/08/2018

13:54

9.870

Големина на фонт

а а а

Спасувачите се уште трагаат по преживеаните под рушевините на вијадуктот кој се сруши во близина на Џенова, усмртувајќи најмалку 35 лица.

Поради изненадното рушење на масивниот мост, околу 35 автомобили и неколку камиони пропаднале од 45 метри височина. Мостот бил познат по структуралните проблеми, а политичките функционери повикуваат на идентификација и казна на можните виновници. 

Спасувачите евакуирале 16 повредени лица, од кои 12 се во критична состојба.

Експертите истакнуваат дека нема да биде едноставно откривањето на причините за рушењето. Вијадуктот во последно време често бил поправан и одржуван, што некои гледаат на тоа како знак дека можеби не бил доволно стабилен за да ја издржи последната бура. 


Вијадуктот бил пуштен во употреба на 4-ти септември 1967 година, по четири години градба. Тој е наречен "Моранди" според проектантот - инженерот Рикард Моранди, а долг е 1182 метри. Мостот бил мета на критики низ годините поради својата проблематична конструкција, објавил вчера италијанскиот весник "Corriere della Sera" кој нагаѓа дека можеби се срушил токму поради тоа.

Професор во 2016 година: "Мостот е лош. Порано или подоцна ќе мора да се замени"

Во 2016 година, професорот Антонио Бренчич од универзитетот во Џенова, го нарекол мостот "инженерски неуспех".

"Мостот е лош. Порано или подоцна ќе мора да се замени", изјавил тој пред две години за италијанските медиуми.

Заменик министерот за сообраќај, Едоардо Рикси, кој живее во градот изјавил дека граѓаните на Џенова го користат мостот два пати дневно.

"Не можеме да живееме со инфраструктура која е изградена во текот на 1950-тите и 1960-тите години", додал тој.


Владата ја обвинува и Европската унија

Од италијанската влада велат дека рушењето на вијадуктот е доказ дека треба да се вложува во обнова на истрошената инфраструктура, дури и доколку тоа значи игнорирање на ограничениот буџет на ЕУ.

"Треба да се запрашаме дали почитувањето на тој ограничен буџет е поважен од сигурноста на италијанските граѓани. Очигледно за мене не е", изјавил потпретседателот на владата Матео Салвини, кој додал дека "се обврзува да ги пронајде виновниците за оваа катастрофа бидејќи не е прифатливо да се умре на тој начин во 2018 година".