Арсовски: Јакимовски е жртва на одмазда кон политичките неистомисленици

Макфакс

08/08/2018

17:04

1.390

Големина на фонт

а а а

Република Македонија е единствена држава во Европа каде што се апсат и притвораат пратеници на опозицијата без никаква основа, спротивно на Уставот и законите, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Како што рече тој, вчерашното приведување на лидерот на политичката партија ГРОМ, Стевчe Јакимовски, не е ништо друго освен одмазда кон политичките неистомисленици и обид за прикривање на актуелните скандали во кои, како што рече, функционерите се живи фатени.

„Приведувањето на лидерот на ГРОМ, господинот Стевче Јакимовски, е политичка конструкција со којашто Зоран Заев сака да испрати порака дека органите на прогонот се негови инструменти и дека без разлика на доказите и правдата, секој може да биде цел на политички прогон доколку јавно се осудил да го посочува криминалот на Заев и кликата околу него“, истакна портпаролот на опозициската партија.

Арсовски исто така додаде дека Јакимовски не се плашел да обелодени дека Зоран Заев на ливче му побарал 250 000 евра.

„Јакимовски не се плашеше јавно да говори за заканите кои СДСМ му ги упатуваше откако одлучи да се кандидира за градоначалник надвор од партијата на Заев. За жал, во Македонија нема независно обвинителство и судство. Наместо истрага за криминалите на Заев, гледаме политички спектакли и приведувања“, посочи портпаролот.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува злоупотребата на државните институции за пресметка со политичките неистомисленици.

„Сите оние кои се ставиле на страна на криминалниот картел во власта и слепо извршуваат политички наредби имаат и своја индивидуална одговорност. Нивните постапки ќе бидат детално испитани откако Зоран Заев ќе замине од власт. Откако ќе се врати правната држава ќе има одговорност за сите оние кои постапувале надвор од овластувањата и спротивно на законот“, истакна Арсовски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг