Партија на Јанко Бачев Единствена Македонија, која е ориентирана за сојузништво со Русија, се огласи по повод изјавата на претседателот на Владата, Зоран Заев, дека руски бизнисмени ги финансирале протестите за името во Македонија. Партијата смета дека се работи за лаги со цел да се дефокусира јавноста од, како што велат, НАТО-журките.
„Ваквата лажна изјава на Заев неосновано ја сместува Русија во непријателска земја спрема Македонија и го руши концептот на пријателски односи со Русија. Единствена Македонија го потсетува Заев дека Русија е светска велесила, членка на Советот за безбедност на ОН со право на вето, ја признава Македонија под уставното име, територијалниот интегритет, унитарноста, сувереноста, идентитетот на македонскиот народ, а Путин отворено изјави дека писменоста доаѓа од македонската земја. Народот масовно и одлучно кажува НЕ за промена на името и влез на Македонија во НАТО и ЕУ и бара сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“, се истакнува во соопштението на Единствена Македонија.
Единствена Македонија го повика Заев да каже со име и презиме кој зел пари од Русија, Сорос, ЦИА и албанското подземје во регионот.