Владата ја повикува опозицијата да не врши притисок врз музичарите пред прославата за НАТО

Макфакс

13/07/2018

13:30

803

Големина на фонт

а а а

Прославата по повод поканата на Република Македонија за членство во НАТО и по повод датумот за преговори за членство во ЕУ се организира врз основа на одлука и заклучоци од седницата на Владата одржана на 10.7.2018 година.

Во согласност со законските прописи Владата информира дека се почнати соодветни постапки за реализација и формира организационен одбор за одбележување на овој настан предводен од Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.

Средствата за организација на целиот настан – обезбедувањето соодветна техника, озвучување, осветление, бини, ангажман на 45 изведувачи што ќе настапат во 15 града во Македонија, изработка на промотивни материјали, изработка и печатење промотивен материјал за информирање на граѓаните (летоци, постери), трошоци за продукција и постпродукција – ќе бидат обезбедени од буџетот на Владата, а сумата ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки.

За прославата се ангажирани исклучиво домашни изведувачи, а изборот на градови е во согласност со рамномерната географска застапеност. Концептот подразбира децентрализација, квалитетна и разновидна музика во многу градови, одлична културна програма. Одлучивме музиката да ја донесеме кај граѓаните. Без автобуси, без списоци, без принуди. Прославата ја поддржаа и локалните самоуправи, со организациска и логистичка помош.

„Владата не се рекламира на медиумите и затоа промоцијата во претстојните три дена се одвива исклучиво преку социјалните медиуми и теренски со печатени материјали.

Македонија заслужи да прослави и затоа ја повикуваме опозицијата да им честита на граѓаните и да не врши притисок врз музичарите кои на најтранспарентен, чесен и професионален начин учествуваат во прославата, врз основа на договори во кои експлицитно е наведено дека ангажманот е за прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО со наслов ‘Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ’“, се вели во соопштението на Владата.

Во него се додава дека Македонија е слободна земја и секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став. Опозицијата да се охрабри да ја поддржи македонската иднина и да се откаже од сеење омраза. Слобода е, секој има право на свој став и никој не смее да етикетира граѓани заради изразен став. Ова е прослава заради остварувањето на децениската аспирација на Македонија и на оваа генерација граѓани. Македонија има причина да прослави, порачуваат од Владата.

Некои од изведувачите што утре треба да настапат на прославата што ја организира Владата за поканата за членство во НАТО јавно реагираат велејќи дека не биле информирани дека ќе настапат на манифестација по повод поканата на Македонија за влез во алијансата, туку им било кажано дека ќе настапат на културна манифестација за што потпишале и договор.



Спонзорирани линкови

Маркетинг