Тајландските момчиња во пештерата останале смирени преку техники за медитација кои ги научиле од својот тренер

Макфакс

11/07/2018

10:42

1.395

Големина на фонт

а а а

Кога 12-те тајландски момчиња, кои беа заробени во пештера, биле првично пронајдени од страна на британските нуркачи пред една недела, тие, наводно, медитирале.

„Тие мирно седеа во пештерата, чекајќи. Никој не плачеше и не беше премногу вознемирен. Тоа беше зачудувачки“, изјави мајката на едно од момчињата за агенцијата АП, алудирајќи на објавеното видео од моментот кога момчињата беа пронајдени.

Се покажа дека нивниот тренер, Екапол Чантавонг, кој ги водел на прошетката во пештерата што се поплави на 23 јуни, една деценија изучувал медитација како будистички монах, а потоа станал фудбалски тренер. Според повеќе извори, тој ги подучил момчињата, на возраст од 11 до 16 години, да медитираат во пештерата со цел да се смират и да ја зачуваат својата енергија во текот на двонеделното тешко искушение.

„Тој може да медитира и по еден час“, изјавила за АП тетката на Екапол, Там Чантавонг. „Тоа дефинитивно му помогнало на него, а веројатно и на момчињата за да останат смирени“, додала таа.

Дваесет и петгодишниот Екапол, отишол да живее во манастир на возраст од 12 години откако останал сирак. Како што пренесуваат тајландските медиуми, тој се обучувал да биде монах 10 години во манастирот Мае Саи, но морал да замине за да се грижи за неговата болна баба. Потоа бил ангажиран да биде асистент на тренерот на тимот, познат како „Диви свињи“.

Тренерот Аке, како што е познат кај младите фудбалери, сè уште одржува блиски контакти со манастирот. Тамошниот игумен за „Вол стрит џурнал“ изјавил дека станува збор за одговорен млад човек кој редовно медитира.

Не е изненадување дека медитацијата е корисна практика во екстремно стресни ситуации. Будистичката медитација е стара околу 2 600 години, а Буда почнал да ја учи како алатка за постигнување на јасност и мир на умот и како крајна цел, ослободување од страдањето.

Неодамна, научните во клинички услови покажаа дека медитацијата може да ја намали анксиозноста и депресијата, како и болката.



Спонзорирани линкови

Маркетинг