Три лица под истрага за смртта на „комитата“ Никола Саздовски

Макфакс

09/07/2018

14:04

7.588

Големина на фонт

а а а

Три лица се под истрага во врска со смртта на 21-годишниот навивач Никола Саздовски, кој почина утрово во болница. Од скопското обвинителство велат дека по прибирање на релевантниот доказен материјал, негово проучување и анализа ќе донесе одлука во која ќе утврди и правна квалификација на стореното дело.

Од таму велат дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против три лица за сторено кривично дело насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во ова кривично дело, во ставот 6 е нормирана и настаната тешка телесна повреда или смртна последица од извршеното кривично дело насилство.

Саздовски на 29 минатиот месец околу 17.30 часот беше нападнат во Автокоманда од три лица што излегле од автомобил „мерцедес“. По нападот, лицата избегале, а тој во неконтактибилна состојба бил пренесен на клиника во Скопје. Оттогаш беше во кома, а почина утрово. Надлежен јавен обвинител денеска донесе наредба за вршење на обдукција за да се утврди од што точно починал.

Полицијата на 2 јули поднесе кривична пријава против Б.Б. (20), С.Д. (21) и Ј.Љ. (19), сите од Скопје, за сторено кривично дело насилство.

Никола беше навивач на „Вардар“. Од навивачката група „Комити“ изразија револт зашто осомничените се гонат за насилство.

Полицијата сè уште трага по еден од тројцата напаѓачи на Никола

Полицијата сè уште трага по еден од тројцата насилници што пред десет дена до смрт го претепаа 21-годишниот Никола. Од МВР информираат дека случајот е расчистен за 24 часа и предаден на Обвинителството.

– Во врска со настанот од 29.6.2018, Министерството за внатрешни работи уште еднаш потсетува дека случајот е експресно расчистен, а за тоа соодветно ја информиравме и јавноста. Имено, Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје. На 29.6.2018 година, околу 17.30 часот, во Скопје, на автобуска постојка на булеварот Александар Македонски, пријавените физички го нападнале Н.С. по што тој бил пренесен на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ Скопје. По преземените мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот се лишени од слобода и одредена им е мерка притвор. Целокупниот доказен материјал му е предаден на надлежното јавно обвинителство и овој случај е во надлежност на ОЈО Скопје, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг