Кристијано Роналдо е многу блиску до реализација на посакуваниот трансфер во редовите на Јувентус, но италијанскиот клуб се уште чека зелено светло од Мадрид за да го комплетира истиот.
Според „Марка“, актуелната ситуација во случајот „Роналдо“ е таква што Јувентус чека информација од менаџерот Жорге Мендеш дека сумата која е потребна за трансферот е споменатата 100 милиони евра, по што би била пратена официјалната понуда до Реал Мадрид.
Иако постоел џентлменски договор меѓу Флорентино Перез и Роналдо дека неговата откупна клаузула изнесува 100 милиони евра, освен за неколку клубови меѓу кои не е Јувентус, шпанскиот весник тврди дека Перез и Реал сега се обидуваат да извлечат што повеќе од трансферот, односно сума од барем 120 милиони евра.
Првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели кој лично разговарал со Роналдо и го убедил да се пресели во Торино, сега само ја очекува потврдата од Мендеш, бидејќи условите со Португалецот се договорени и тој ќе заработува чисти 30 милиони евра по сезона. Италијанските медиуми тврдат дека клубот сакал да го претстави утре, на 07.07 поради симболиката на „седумката“ во кариерата на Роналдо, но барем засега нема предуслови за такво нешто.