Бачев неосновано сака да привлече внимание кое не го заслужува, велат од „Цивил“

Макфакс

04/07/2018

18:26

3.146

Големина на фонт

а а а

Наводите на партијата Единствена Македонија се потполно невистинити и злонамерни, велат од невладиното национално граѓанско здружение ЦИВИЛ, како реакција на соопштението на партијата во врска со конференцијата насловена „Македонски перспективи: Како до Европа?“.

„Точно е дека за време на паузата, Бачев побара збор преку ред и побара да говори повеќе од две минути, иако во општата покана временската рамка за дискусии во вториот дел беше две минути. Јас, како еден од организаторите му реков дека ќе му дадам две минути, а тој нека говори толку време колку што мисли дека му треба да се искаже. За време на паузата, едноставно, исчезна, што ме изненади, но не е прв пат Бачев да се однесува чудно. Можеби токму тој се исплашил, а потоа решил, сепак, да привлекува внимание што не го заслужува“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

Врз основа на ова, од ЦИВИЛ го повикуваат Јанко Бачев и неговата партија да го повлечат апсурдното соопштение и да научат малку повеќе за политичката култура и дијалог.

„Во секој случај, во духот на отвореноста, Јанко Бачев и неговата партија, без оглед на тоа колку се маргинални и малициозни, ќе бидат поканети на секој нареден настан на организацијата, но секогаш ќе реагираме на лаги, клевети и манипулации. Ги замолуваме медиумите да ја консултираат и другата страна, особено кога се работи за еднострани информации и соопштенија, лишени од факти“, се наведува во соопштението на невладиното национално граѓанско здружение.

Оттаму додаваат дека со околу 100 учесници и повеќе од десет водечки медиуми, Конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“ предизвикала огромен интерес во јавноста и е прв голем настан кој го означил почетокот на важните процеси за македонските интеграции. На конференцијата говореа премиерот Заев, владиниот советник, Дане Талески, четири амбасадори, четири политички партии, осум организации на граѓанското општество и еден претставник на бизнис заедницата.

„Премиерот Заев ја прифати поканата да биде еден од говорниците на конференцијата, како и секогаш, без ниедно дополнително прашање, а да не говориме за некакви условувања“, појаснуваат од ЦИВИЛ.

Според агендата, на конференцијата биле поканети говорнички и говорници од Владата, парламентарните политички партии, граѓанското општество и меѓународната заедница. Во вториот дел биле поканети сите други учесници кои ќе го најават своето учество, што е случај и со Јанко Бачев.

Конференцијата ја организираа ЦИВИЛ и МЦМС, како дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг