Ердоган ќе пресели 800 илјади луѓе поради својот проект од 15 милијарди евра: Експертите предупредуваат – животот во Истанбул може да стане неподнослив!

Точка

28/06/2018

16:41

16.285

Големина на фонт

а а а

Со просечна годишна стапка на раст од пет проценти во текот на последната деценија и пол, Ердоган може да се пофали дека на милиони жители им овозможи подобар живот.

Но, се повеќе аналитичари предупредуват дека тој успех е на разнишани нозе затоа што економскиот раст се должи на големите државни инвестиции и евтините пари. Минатата година завршија со раст од 7,4%, со тоа што во третиот квартал имаат вртоглав раст од 11,1%. Цената на тоа? Само оваа година турската лира падна за 17%, а минатата година цените растеле за 10% секој месец.

Несигурноста која што ја носи инфлацијата веројатно е причината поради која Ердоган одлучи една година порано да распише претседателски и парламентарни избори кои што беа одржани минатата недела.

Економската стратегија на Ердоган, агенцијата „Блумберг“ ја нарекува раст по секоја цена. Последиците се: Растечка инфлација која што ги погодува граѓаните и компаниите и се поголем дефицит и јавен долг, додека истовремено странските инвеститори бегаат од земјата. Посебно тешко им е на граѓаните затоа што цените растат.

Само цените на основните намирници како што се доматите и компирите се скокнати за три пати во однос на минатата година. Буџетскиот дефицит изнесува околу 1,6% од БДП и најверојатно до крајот на годината ќе порасне на 2%, предвидуваат аналитичарите на “JP Morgan”.


Тоа е мал дефицит во споредба со тоа што Турција го познава во своето минато, но е преголем за економијата која што има ризик да „прегрее“. Агенцијата „Блумберг“ индиректно го обвинува Ердоган за инфлацијата – каматите се константно прениски, а тоа е последица на вмешувањето на Ердоган во работата на банките со неговите невообичаени погледи како треба да се бори против инфлацијата.

Инвестициски пакет

Два месеци пред одржувањето на изборите, турската влада најави нов инвестициски пакет вреден пет милијарди долари. Одличните резултати на Ердоган и неговата партија „АКП“ досега секогаш зависеа од добрите економски резултати.

Дали сега после изборите турската влада ќе ја промени политиката и ќе се насочи кон штедење за да избегне евентуална криза?

Министерот за финансии Наци Агбал најави дека такво нешто можно е да се случи, но аналитичарите не можат да го замислат Ердоган кој би штедел со, на пример, кратење на трошоците на армијата и полицијата во периодот кога организира воени операции во Сирија и превзема контрола над „длабоката држава“ која што од основањето на Турција ја контролираа неговите опоненти, односно секуларните кемалисти.


Гигантски проекти

Голем удел во растот на турскиот БДП имаат јавните инвестиции од гигантски размери и големите проекти во речиси секој град. Последно нешто што Ердоган го најави во предизборната кампања беше изградбата на Истанбулскиот канал за кој што изјави дека ќе влезе во учебниците по историја и го спореди со Суецкиот и Панамскиот канал.

Каналот би требало да биде 45 километри долг и да го поврзува Црното со Мраморното море. Целиот проект ќе чини 15 милијарди долари, иако неговите критичари тврдат дека еден таков обемен проект не би можел да чини помалку од 65 милијарди долари, вклучувајќи ги и трошоците за преселување на дури 800 илјади луѓе.

Ердоган идејата за изградба на каналот прв пат ја изнесе пред седум години. Тој верува дека Турција би можела да заработува од бродовите кои што ќе го користат тој канал, како што Египќаните заработуваат од Суецкиот канал.

Економистите не се согласуваат со него, археолозите се згрозени од идејата затоа што копањето на каналот ќе уништи вредни наоѓалишта, а еколозите предупредуваат дека изградбата на мегаканалот ќе го уништи екосистемот до таа мера, што животот во Истанбул ќе стане неодржлив. Сепак, Ердоган и натаму е уверен дека таа идеја е одлична.

Сите мегаломански проекти на Ердоган се смислени со цел да го сместат меѓу големите турски владетели од времето на Отоманското царство, па се до основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, пренесува „Њујорк Тајмс“. Поради тоа, воопшто не зачудува тоа што една од идеите за име на новиот најголем аеродром во Истанбул е Реџеп Таип Ердоган.



Спонзорирани линкови

Маркетинг