Мониторинг на локално ниво: Сè повеќе тендери со една или ниту една понуда

Макфакс

26/06/2018

12:16

1.952

Големина на фонт

а а а

Центарот за граѓански комуникации го објави извештајот од редовниот мониторинг на постапките за јавни набавки спроведени од институции на локално ниво во периодот април-септември 2017 година.

Тој покажува дека ниската конкуренција на локалните тендери и натаму продолжува да се движи под три понудувачи, што се смета за минимум конкуренција. На мониторираните тендери имало просечно по 2,8 понудувачи. Она што дополнително загрижува е зголемениот процент на тендери со една или ниту една понуда, којшто скокна дури на 40% во мониторираниот период, највисоко ниво во последните 3 години.

Процентот на поништени постапки за јавни набавки во мониторираниот примерок скокна на 20%, достигнувајќи ја повторно највисоката граница во последните пет години. Во дури 50% од поништените постапки, причина за поништување било немањето ниту една понуда.

Електронската аукција се одржала само во 58% од мониторираните тендери. Таа е успешна само кај набавките со поголема конкуренција, додека во другите е само формална и често изгледа како фирмите да се договараат како ќе настапат на аукцијата. Како во ниту еден друг период порано, во текот на овој мониториран период податоците побарани преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во дури 28% од тендерите се обезбедени по пат на жалба до Комисијата за заштита на ова право.

Мониторингот се спроведува во рамките на програмата „Цивика мобилитас“, која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.