ВМРО-ДПМНЕ: Неспособноста да обезбеди стандард за граѓаните, Заев ја компензира со трговија со националните интереси

Макфакс

26/06/2018

09:55

1.271

Големина на фонт

а а а

Македонија се соочува со национална катастрофа и на политички и на национален план заради антидржавните политики на Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од пратијата додаваат дека највисоките национални интереси се загрозени со капитулантскиот и срамен договор со Грција, а истовремено, како што велат, расипничката власт економски ја цеди државата и граѓаните.

„Македонската економија е на дното поради катастрофалните политики кои ги води криминалниот картел на власт и Зоран Заев. СДСМ од јануари до мај годинава реализира едвај 14 проценти од капиталните инвестиции планирани за целата година, што претставува најниско ниво и ја отсликува безидејноста и неспособноста на власта. На сметка на ова картелот на власт пред само една недела ги задолжи државата и граѓаните за нови 7,1 милион евра со годишна камата од 3%. Ова значи дека граѓаните од сопствен џеб ќе мораат да вратат 10,3 милиони евра за расипничкото задолжување на Зоран Заев“, се наведува во соопштението.

Опозициската партија истакнува дека слабата реализација на капитални инвестиции го влече надолу и градежништвото кое, како што потенцираат оттаму, е главна движечка гранка на македонската економија.

„Државниот завод за статистика само во првите 3 месеци бележи пад на градежништвото од неверојатни 37%. Овој пад во градежништвото се случи само поради тоа што криминалниот картел на власт ги сопре клучните инфраструктурни проекти кои пак се од стратешко значење на државата, а се започнати од време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Република Македонија за прв пат во нејзиното постоење бележи јавен долг од над 5 милијарди евра, додека државниот долг надмина 4 милијарди евра“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ анализирајќи ја економската политика на Владата на Заев.

Додаваат дека неспособноста да обезбеди подобар стандард за граѓаните и нагонот расипнички и криминално да се трошат народните пари, Заев се обидува да го компензира со трговија со националните интереси.

„Зоран Коте Заев отстапи од сите национални позиции кои ги бранеле претходните влади и политичари без разлика на нивната партиска определба. Зоран Коте Заев склучи неуставен, капитулантски договор и се откажа од вековното име Македонија ставајќи ги на лицитација и јазикот и националноста и културата и историјата. Зоран Коте Заев ги прифати грчките максималистички позиции согласувајќи се да го прекине континуитетот на македонската држава. Зоран Коте Заев се откажа од името Република Македонија и за тоа мора да соноси одговорност, односно неговите антидржавни политики мора да бидат поразени“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг