ВМРО-ДПМНЕ: Македонската жица на Заев e направена од свила, тој потпиша капитулација

Макфакс

25/06/2018

11:59

1.285

Големина на фонт

а а а

СДСМ се откажа од сопствениот народ. За само една година владата на СДСМ на чело со Заев ја брише вековната македонска историја, но и ја загрозува иднината на цела една нација, се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со само еден потпис владата на СДСМ се откажа од сè што е македонско. Заев се откажа од македонското име, идентитет и јазик за кои се колнеше во своите предци, но и деца дека ќе останат непроменети. Македонската жица на Заев очигледно била направена од свила, ако воопшто некогаш постоела бидејќи тој потпиша досега невидена капитулација на еден народ во светската историја“, велат од опозициската партија.

Оттаму предупредуваат дека кога договорот ќе стапи во сила македонските историски учебници ќе ги пишува и рецензира Грција.

„Македонците повеќе нема да учат македонска туку историја одобрена од грчки комисии. Ваквиот капитулантски договор под покровителство на Заев и Димитров атакува на македонското културно наследство, државност и суверенитет, прикажувајќи ја Македонија како целосно нова вештачки измислена творба“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека иако тоа не било дел од преговорите, сега по волја на, како што го нарекуваат премиерот, Коте Заев, од македонската меморија ќе треба да се избришат и Солун, Кукуш, Лерин.

„Тие ќе исчезнат од македонските учебници, македонските патокази и од сите документи. Македонија ќе биде обврзана да ги користи грчките топоними, кои насилно биле наметнати. Откажувањето од географските поими значи бришење на дел од културата и историјата на еден народ. Македонија ќе биде единствена која се откажува од своите егзоними. Солун ќе остане Солун и за Србија и за Бугарија, но Македонците ќе мора да го викаат Тесалоники. Кукуш, родниот град на македонскиот великан Гоце Делчев, за учениците од Северна Македонија ќе биде Килкис. Воден – Едеса. Кутлеш – станува Вергина! Костур – Касториа! Сер – Серес!“, објаснуваат од партијата.

Велат дека со овој договор се брише културното наследство на Македонија што е нераскинлив дел од идентитетот.

„Заев очајнички се обидува да ги исполни концесиите на сите страни, па дури и по цена на бришење на сопствениот народ. Македонските национални и државни интереси Коте Заев ги стави на продажба. Коте Заев помогна во остварувањето на вековниот сон на Грција, а тоа е бришењето на македонската нација. Коте Заев се обидува да го скрши македонскиот непокор. Многумина пробале, но не успеале, а нема да успее ниту Зоран Заев“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот се додава дека народот си ја сака Македонија повеќе отколку што потомците на Коте од Руља може да претпостават. Инаку, новиот прекар што опозициската партија го користи за премиерот Зоран Заев се однесува на Константин Христов Саров или Саровски, наречен Коте, познат како Константинос Котас или Котас Христу кој бил деец на Македонската револуционерна организација, кој по засилувањето на грчката вооружена пропаганда застанал на страната на грчката кауза како андартски капетан.



Спонзорирани линкови

Маркетинг