Страшна исповед на тинејџерка: Прво ја принудиле на брак, па го убила сопругот кој ја силувал! Осудена е на бесилка, а сега решила да ја раскаже својата приказна

Точка

22/06/2018

18:40

5.034

Големина на фонт

а а а

Тинејџерката од Судан, Нура Хусеин, ја чека одлуката на судот на жалбата за смртната казна во затвор поради убиство на својот 35-годишен сопруг.

Нејзиниот случај го потсетил светот на проблемот со принудните бракови и силувањата во брак во Судан, каде законската возраст за стапување во брак е 10 години. Во Судан силувањето во брак не е злосторство. 

Нура прв пат за медиумите ја раскажала својата приказна за принудниот брак, силувањето и убиството на човекот за кој вели дека никогаш не го сметала за сопруг.

Таа моментално е во затвор во Омдруман, каде чека повторено судење бидејќи се жалела на смртната казна која ја пресудил судот.

Семејството на Нура ја принудило на брак на 15 години. Сепак, и дозволиле да заврши средно училиште. Тогаш склопила верски брак, кога имала 18 години, а церемонија на венчање три години подоцна. Нејзиниот сопруг се обидел да има односи со неа, што таа одбила, по што ја силувал додека ја држеле неговите роднини.

Ден подоцна, повторно се обидел да ја силува, но таа го избодела до смрт. Кога им се обратила на родителите, тие ја предале во полиција.

"CNN" од владата барал коментар за овој случај, но не добил. Нура раскажала дека сопругот им кажал на нејзините родители дека сака да ја ожени уште кога била осмо одделение.

"Ме измамија кога ги минав испитите за средно училиште на крајот на годината. Тогаш го видов прв пат, една седмица откако мојот вујко предложи да се венчаме. Откако ми го кажаа тоа првиот пат, јас одбивав. Реков дека не сакам да се мажам, дека сакам да одам во училиште. Разговарав и со него, му реков: Не сакам да се омажам со тебе", рекла Нура.

Рекла дека тогаш побегнала кај својата тетка, но дека по два дена ја пронашле и ја вратиле на верската церемонија.

"После тоа воопшто не комуницирав со него. Кога ја посетуваше нашата куќа, јас заминував. Му кажав дека не го сакам. Церемонијата се одржа три години подоцна, кога ги положив испитите на крајот од годината. Ги направија сите ритуали кои се прават на венчавки. Неговото семејство беше богато, но за тоа време од него не сакав ништо да земам - ни цент. Бев исполнета со бес, не го сакав тој маж.

Плачев додека седев крај него. Во автомобилот се обидуваше да седне поблиску до мене, а јас се преместував. Кога дојдовме на медениот месец, се заклучував во една соба и лежев облечена", вели таа.

Девет дена по венчавката, сопругот ја силувал додека ја држеле членови на неговото семејство.

"Тоа продолжи. Не јадев, не излегував од собата. Третиот ден дојде и ми кажа дека е време да отворам за да не провали тој внатре. Го одбив, но кога тој заспа, пронајдов излез од станот кој беше заклучен. Деветиот ден дојдоа неговите роднини, а неговиот вујко ми кажа да одам во спалната соба. Му кажав дека нема да одам, а тој ме фати за рака и на сила ме одвлече во собата. Неговиот роднина ми удри шлаканица. Сите заедно ми ја соблекоа облеката. Неговиот вујко ме држеше за нозете, а другите двајца за рацете. Тој се соблече и ме силуваше додека плачев и врискав. Потоа заминаа од собата. Крварев. Заспав гола. Следниот ден ме зграби, ме фрли на кревет и се обиде да легне над мене. Се борев и земав нож од под перницата. Почнавме да се бориме за ножот. Ме сечеше по рацете и ме гризна за рамото", рекла Нура. Го избодела со ножот, а тој починал од повредите.

"Побегнав кај родителите. Не знам како стигнав таму. Во раката се уште ми беше ножот. Се надевав дека ќе завршам право и потоа ќе се омажам. Мојот сон беше да бидам судијка", ја завршила Нура својата приказна.

Суданскиот суд ја осудил Нура на смрт. Семејството на нејзиниот сопруг ја одбило можноста Нура да се помилува, а не сакаат ни финансика надомест. Бараат Нура да биде убиена.

Нејзините адвокати поднеле жалба 15 дена по пресудата. Тогаш во Судан се појавил твит со хаштаг ##JusticeForNoura, кој се проширил на интернет, а овој случај дошол до очите на светската јавност.

Ја брани адвокат кој нејзиниот случај го преземал кога првиот адвокат се повлекол. Додал дека Нура била напуштена од фамилијата, но и правниот систем. Целта на кампањата е да се отворат очите на јавноста дека жените и девојките во Судан се продаваат како стока, како да се предмет кој нема права.

"Тука и сега, обединети сме во еден глас, да кажеме доста", порачале тие.



Спонзорирани линкови

Маркетинг