Русија предлага укинување на санкциите на ОН за Северна Кореја

Нетпрес

14/06/2018

09:47

411

Големина на фонт

а а а

Русија во средата вечерта го повика Советот за безбедност при Обединетите нации да размисли за постепено укинување на економските санкции за Северна Кореја по потпишувањето на договорот со САД за денуклеаризација на оваа земја.

Светската организација минатата година одобри три пакета остри санкции против Северна Креја кои се насочени против нејзиниот извоз на јаглен, железо, риболовот и текстилната индустрија, и го ограничуваат нејзиното снабдување со нафта. Санкциите беа воведени по балистичките тестирања како и нуклеарниот тест на Пјонгјанг кои беа оценети како закана за меѓународната стабилност.

„Мислам дека едноставно е природно да се размисли за чекори во таа насока“, изјави рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, одговарајќи на прашање за евентуалното укинување на санкциите.

На историскиот самит во Сингапур американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Јонг-ун потпишаа во вторникот заедничка изјава во којашто Пјонгјанг се обврзува на „целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров“, но други поединости не се соопштуваат.

Повеќето западни дипломати сметаат дека санкциите на ОН биле пресудни за одлуката на Ким Џонг-ун да преговара за отстапување од својата нуклеарна програма. Но, исто така, многумина сметаат дека Ким во договорот, во прв ред бара осигурување за неговиот режим од надворешни обиди да биде соборен.



Спонзорирани линкови

Маркетинг