Заев: До петок ќе разговарам со Ципрас, очекувам исчекор во преговорите за името

Макфакс

30/05/2018

11:28

3.118

Големина на фонт

а а а

„Никогаш не сме биле поблиску до решение со Грција, а пријателството меѓу двата народа никогаш не било поголемо. Името и идентитетот се заштитени. Ќе има референдум, граѓаните ќе го имаат конечниот глас на референдумот“, порача премиерот Зоран Заев пред Владата каде денска со министрите дадоа отчет за едногодишното работење.

Тој е дециден дека сè уште нема конечен договор за името, дека се договорени принципи и начела и се работи на правно-формалиот спект на договорот. Тој најави дека деновиве ќе разговара со грчкиот премиер Алексис Ципрас на кој очекува да биде постигнат исчекор.

„Следува разговор меѓу мене и Ципрас – денес, утре, до петок, на кој очекувам да направиме исчекор. Ги следиме сите шпелулации, штом имаме информација, ќе ја споделиме со јавноста“, рече Заев.

Тој не коментираше дали сè уште се во огра предлозите Северна Македонија и Илинденска Македонија. „Не би дал коментари за одредени одредници за името затоа што сме во финална фаза за можно решавање“, рече Заев.

Во однос на забелешките на претседателот Ѓорге Иванов, премиерот рече дека тој бил детално информиран на лидерската средба. Најави дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска ќе побара средба со претседателот Иванов за да го информира за сите детали за кои е разговарано во Брисел.

По средбата со Ципрас, повторно ќе биде информиран и претседателот Иванов и сите институции за текот на разговорите, додаде Заев.

Наесен референдум, Заев не ја открива одредницата за името

Премиерот Зоран Заев очекува исчекор во преговорите со неговиот грчки колега Алексис Ципрас на средбата која треба да се случи до крајот на неделава. Тој не одговори на новинарските прашања дали предлогот Република Илинденска Македонија е сè уште во игра, ниту, пак, ги потврди информациите дека Република Северна Македонија е последниот прифатлив предлог за двете страни.

Во врска со планот што се појави во јавноста кој содржи 11 точки за решавање на спорот, Заев потврди дека тоа било тема на лидерската средба, но дека единствената дезинформација се заканите од СЈО.

Премиерот повтори дека преговорите за името со Грција се во финална фаза. Дециден е дека ќе има референдум за името, на кој граѓаните ќе го имаат последниот збор, а како можен термин го наведе септември или октомври годинава. Пред да се одржи референдумот, евентуалниот договор кој би се постигнал ќе треба да се ратификува во Собранието бидејќи, според премиерот, важно е граѓаните да го знаат ставот на политичарите пред да се изјаснат на референдум. Втората причина е грчката страна час поскоро да испрати писмо до НАТО, за да се забрза членството на земјава. Заев очекува поддршка и од опозицијата за ратификација на договорот.

Премиерот Заев, кој денеска со министрите даваше отчет за сработеното изминатата година, потенцираше дека целта на оваа Влада е решавање на споровите и јакнење на идентитетот истовремено. Посочи дека Македонија е сè поблиску на патот кон ЕУ и НАТО; ја повтори кристално чистата препорака на Европската комисија, реализацијата на планот 3-6-9, а особено се осврна на еконскиот раст и покачувањето на платите, реформите во областа на здравството и социјалата.

„Зад нас е една година промени, ја кренавме Република Македонија како праведна, стабилна, земја на можности, на пет столба. 365 промени во 365 дена, секој ден Македонија се менува на подобро, го променивме економскиот курс на државата, повеќе пари одат кај граѓаните, се грижиме да има квалитетни услуги достапни до сите граѓани, ја градиме Македонија како едно семејство за сите, каде сите граѓани се од прв ред и чекориме заедно и одлучно кон НАТО и ЕУ“, потенцираше премиерот.

Во однос на промените во медиумската сфера, тој рече дека медиумските работници се ослободени од политички притисоци, дека денес има гласност наспроти молк. Според него, во тек се и реформи во правосудниот систем, нема веќе притисок врз судиите, а судските процеси се отворија целосно кон граѓаните.



Спонзорирани линкови

Маркетинг