Тргнале на Италијанската мафија, сејат страв низ Европа: Албанските нарко-банди завојувале со семејствата Лукезе и Гамбино и се прошириле до Скандинавија

Точка

21/05/2018

18:03

20.029

Големина на фонт

а а а

Според извештаите на меѓународните експерти, албанската мафија контролира околу 75 проценти од светскиот пазар со наркотици.

Нејзините кланови се толку силни што од првото место ги потиснале и Колумбијците, кои до пред неколку години биле неприкосновени во светот на илегалната трговија со дрога. Блиски врски воспоставиле и со италијанската мафија, што им овозможило да се шират понатаму до Европа. 

Подемот на албанската мафија во Европа почнува во 80-тите и посебно 90-тите години од минатиот век, кога воспоставиле свои ќелии и преку океанот во САД, посебно на источниот брег.

Организација Рудај

На почетокот на 90-тите години, албанската мафија почнала да зајакнува и во Америка. Во текот на 80-тите, албанските кланови во главно се занимавале со ситен криминал, најчесто за други. Почнале да соработуваат со Коза Ностра, се додека не станале доволно моќни да работат сами, прво под кланот на семејството Иљази.

Сепак, најпознатото име во албанската мафија во Америка е Алекс Рудај, кој во 1993. година го основал својот клан, најчесто нарекуван "Корпорација" или "Организација Рудај". Го сочинувале во главно Албанци родени во Америка или оние кои емигрирале по падот на комунизмот, а важеле за многу брутални. Самиот Рудај е роден во Улцињ, а во Америка имигрирал во 1987. година.

Американските медиуми уште пред десетина години објавиле дека "Организацијата Рудај" се бори против италијанските семејства Лукезе и Гамбино за територијата на Квинс. Настанот на кој сведочел поранешниот агент Хоакин Гарсија, кој тајно се инфилтрирал во кланот Гамбино, зборува во прилог на тоа. Откако во 2001. година членовите на албанската мафија по пукање и физичка пресметка го преземале ноќниот клуб и казиното кои ги држел Гамбино кланот, што до тогаш било незамисливо, биле организирани преговори меѓу двете страни.

Средбата на шефовите на мафиите, Рудај од една и Арнолд Скитјери од друга страна, била организирана на бензинска станица во близина на Њу Џерси. Лидерот на кланот Гамбино пристигнал со 20 луѓе, а Рудај со само шест. Кога Скитјери, според зборовите на Гарсија, рекол дека "забавата е готова" и му рекол на Рудај да "ги прекине своите операции", Албанците се фатиле за оружје, заканувајќи се дека ќе ја кренат станицата во воздух, со сите кои се наоѓаат внатре. За среќа, немало жртви.

##https://twitter.com/ShamanicNights/status/995431967951900672##

Рудај завршил зад решетки во 2004. година, а во 2006. година, тогаш 38-годишниот шеф на албанската мафија, бил осуден на 27 години затвор поради рекетирање, изнудување и коцкање. Во истата акција биле уапсени 21 член на мафијата, прва таква акција против албанската мафија во Америка.

До тогаш оваа организација била толку моќна што, според тогашниот шеф на ФБИ во Њујорк, Фред Снелинг, ја сметале за "шесто семејство" - веднаш зад италијанските кланови Бонано, Коломбо, Гамбино, Џеновезе и Лукезе.

Се смета дека албанската мафија и натаму е моќна во САД, а нивните пипки се спуштаат и пониско, кон Јужна и Централна Америка, каде водат сите патишта за транспорт на кокаин од Колумбија, а парите се перат преку банките во Хондурас.

##https://twitter.com/pedromalavita/status/981582809327394816##

Од Балкан до Скандинавија

Силни корени имаат во неколку европски држави, како Белгија, каде живее значителна албанска емиграција. Белгиските власти ја сметаат албанската мафија за одговорна за најголемиот дел од трговијата со наркотици во земјата, но и илегалното оружје за кое се смета дека потекнува од војните на Балканот од 90-тите години.

Белгија уште по нешто е важна за албанските мафијашки кланови - трговија со луѓе. Се смета дека Албанците, на кои тоа им е специјалност, шверцуваат најголем број на луѓе преку Белгија, а претходните извештаи на меѓународните институции покажале дека албанската мафија глобално годишно шверцува меѓу 70.000 и 100.000 луѓе, од кои, според проценките, заработуваат повеќе од 50 милиони долари.

Колку се длабоки корените на албанската мафија во таа земја зборува и случајот од 1989. година, кога бил киднапиран поранешниот премиер на Белгија, Пол Ванден Боеинантс, а киднапирањето го организирал Басри Бајрами, член на бандата на Патрик Хаемерс. Премиерот бил ослободен по еден месец неповреден, а претходно биле барани 30 милиони белгиски франци.

Силен огранок имаат и во Франција, а во Велика Британија се концентрирани на наркотици, и судејќи по пишувањето на медиумите, го преземаат пазарот за кокаин од Британците и Пакистанците. На островот со години ги поврзувале со проституцијата и шверцот на мигранти.

Свои упоришта имаат и во Германија, посебно околу Хамбург, велат податоците на BND. Голем број од нив потекнуваат од Косово и Македонија, а во Германија пристигнале под изговор дека бегаат од војна.

Дури и во Скандинавија е забележана нивна активност, иако значително помала, и во главно кога станува збор за херион.

Најпознат случај е апсењето на Принц Доброши во Норвешка, Албанец од Косово, кој е сметан за една од водечките фигури кога станува збор за хероинот во цела Европа. Тој во 1994. година бил осуден на 14 години затвор во Норвешка, а но во 1999. година побегнал од затвор во Чешка. Повторно бил уапсен во 2000. година, а потоа ослободен во 2005. година поради добро однесување. Од Норвешка прво отишол во Чешка на три месеци, а потоа се вратил на Косово.

Наркотиците се голем, но не и единствен дел од нивниот бизнис. Грчките власти на почетокот на 2008. година воделе истрага на основа на доверлив извештај на амбасадата на таа земја во Тирана, во кој навеле застрашувачки податоци за илегалните канали за трговија со детски органи од Албанија за Италија. Според тогашните претпоставки, за пренесување на органи биле користени и дипломатски канали, а медиумите пишувале дека и еден лекар учествувал во сето тоа.

И покрај судирите со италијанската мафија, се смета дека италијанската и турската мафија денес им се најблиски соработници на Албанците.