Дескоска: Ги вклучивме наставниците во промените за подобро образование

Макфакс

15/05/2018

15:17

1.050

Големина на фонт

а а а

Министерката за образование и наука Рената Дескоска, денеска присуствуваше на конференцијата „Образовни реформи:предизвици и перспективи во образованието на наставниците“, во организација на Фондацијата „Отворено општество“.

Дескоска во своето обраќање, напомена дека дури и да се испланирани најдобрите образовни реформи, тие нема да дадат соодветен ефект доколку нема сојузништво со наставниците, односно доколку тие почувствуваат дека не се воопшто или доволно вклучени во целиот тој процес или пак, доколку не го добиваат потребниот третман од страна на државата и дигнитетот на професијата со која се занимаваат е на ниско општествено ниво.

„Како Влада ги вклучивме наставниците во промените што ќе значат подобро образование, од кои дел се подготвени, а дел се во фаза на подготовка и тоа е најдобриот начин за да се постигне зацртаната цел“, изјави Дескоска, додавајќи дека паралелно се работи на обезбедување пристојни услови за реализација на работните обврски.

Наставниците, рече Дескоска, ќе добијат и нови можности за професионален и кариерен развој, а од овој септември, ќе добиваат и поголема плата, за што веќе се предвидени средства во државниот буџет.

„Секако, нашите планови во овој дел не се поврзани само со актуелниот, вработениот наставен кадар, туку се поврзани и со новите генерации наставници кои допрва ќе се создаваат, ќе стануваат дел од воспитно образовниот систем и ќе мора да бидат подготвени да одговорат на новите образовни, социјални и економски предизвици кои ги носи со себе оваа благородна професија“, изјави Дескоска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг