Советниците на Груевски чинеа трипати повеќе, тврди Владата

Макфакс

15/05/2018

13:10

965

Големина на фонт

а а а

Советниците и соработниците на поранешниот премиер, Никола Груевски, го чинеле буџетот најмалку 1,73 милион евра годишно, што е трипати повеќе од сега, реагира Владата по обвинувањата дека за советниците на Заев граѓаните од својот џеб плаќаат над 540.000 евра за плати и придонеси.

„Со цел јавноста да може да направи споредба со работењето на претходната влада, ви ги презентираме трошоците за плати на сите 91 советници и надворешни соработници на поранешниот претседател на владата, Никола Груевски, кои изнесувале 1,73 милион евра годишно“, велат од Владата и додаваат дека дополнително, поради обемот на архивирана документација и нестандардното архивирање, сè уште не се обработени податоците за периодот 2006 – 2010 година за ангажирани лица како советници и соработници на поранешниот премиер Никола Груевски.

Владата тврди дека само за една година надворешните соработници и советници на Никола Груевски чинеле 71,6 милион денари, меѓу кои биле ангажирани и надворешни соработници со плата од 7.000 евра месечно. Дополнително, од Владата велат дека недостигаат податоци од авторски агенции преку кои биле ангажирани надворешни соработници, што значи дека оваа бројка од 91 советници и надворешни соработници не е финална.

„Покрај индивидуалните договори за советување, поранешниот премиер Никола Груевски има договори за консултантски услуги од меѓународни агенции за застапување, правни консултации, градење бренд, за менаџирање углед и слично во 2015 и 2016 година. Се работи за 4 договори со вкупна вредност од 569.000 евра или 34,99 милиони денари. Доколку се земат предвид двете суми на годишно ниво, финалниот износ што владата на Никола Груевски ја има потрошено за советници и соработници на премиерот изнесува 106,64 милиони денари или 1,73 милион евра, пари на граѓаните на Република Македонија“, се вели во реакцијата на Владата.

Дополнително, од Владата како високи ги издвојуваат приходите на Марјан Хрибар, Јехоша Шуки Глајтман, Александар Никовски, Роберт Валтер, Христијан Мицкоски, Колин Џафери и Џорџ Р. Пери.



Спонзорирани линкови

Маркетинг