Одлуката која што ја донесе синоќа Доналд Трамп го прави светот многу поопасно место, анализира „Дојче Веле“, додавајќи дека со повлекувањето на САД од иранскиот нуклеарен договор, фрлени се во вода години на интензивна дипломатија.
Авторот на текстот, Матијас Фон Хајн тврди дека Европа може да ги намали последиците од повлекувањето на САД, само во соработка со Кина и Русија.
„Во пресрет на одлуката на Трамп имаше само шпекулации за тоа колку драстичен ќе биде пресвртот, дали ќе се остави некаде отворена врата за разговор и дали дипломатските иницијативи на Европејците имале некаков ефект“, пишува Фон Хајн.
Тој тврди дека од сето тоа нема ништо, затоа што Соединетите Американски Држави се повлекуваат од договорот и сите санкции кои што досега биле замрзнати, сега се враќаат на сила.
„Од сите начини да се излезе од договорот, овој е најопасен. Светот секако нема да стане побезбеден. Уште за време на говорот на Трамп, берзите забележаа скок на акциите на компаниите кои што продаваат оружје. Индиректна последица е тоа што ваквото американско прекршување на договорот нема нималку да го олесни предстојниот самит на Трамп и Ким Јонг Ун“, оцени Фон Хајн.
Според неговите зборови, останува мистерија како напуштањето на САД на нуклеарниот договор со Иран, ќе им служи на интересите на Вашингтон.
„Договорот воспостави проверки кои што го спречуваа Иран да развие атомска бомба со што е спречено нуклеарно вооружување во регионот. Тоа и ништо друго беше задачата на договорот. Дури ниту министерот на Трамп за надворешни работи, Мајк Помпео, познат како јастреб против Техеран, не го доведува во прашање тоа дека Иран ги исполнува своите обврски од договорот“.
Тој оценува дека Трамп во Белата куќа константно носел на функции анти-ирански настроени луѓе, а посебно го нагласува новиот советник за национална безбедност на САД, Џон Болтон кој во 2017-та година напишал дека „американска цел мора да биде на Исламската револуција од 1979-та година да ѝ биде ставен крај пред нејзината 40-годишнина“.
„Застрашувачки е тоа што Болтон ја имаше централната улога и во предиграта пред војната во Ирак во 2003-та година. Познати се катастрофалните последици кои што по регионот ги имаше таа противправна агресија. Познато е тоа дека како повод за војна биле искористени лаги“, оценува Фон Хајн.
Авторот смета дека се очекува зголемениот притисок на Техеран да ги потисне умерените сили во дефанзива и да ги зајакне тамошните десничари, со што растат шансите дополнително да ескалира ситуацијата во некое од кризните жаришта како Јемен, Сирија, Либан или Ирак.