По два дена криење, Зоран Заев призна дека како надворешен соработник за безбедност и борба против радикализмот си ангажирал човек од црната листа на САД поставен таму токму поради неговото терористичко дејствување и ризикот што тој го претставува по безбедноста, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Зоран Заев му дава висока функција во Владата и месечно ќе му плаќа 36 000 денари на Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа, лице барано од странски држави со меѓународни потерници. Ова е големо понижување и за граѓаните и за државата, но и за полициските службеници кои ги имаат загубено животите во борбата против ваквите екстремисти“, посочи Стоилковски.
Како што рече портпаролот на опозициската партија, единствена референца на пријателот на Заев, командантот Хоџа, е тоа што тој склучил политички договор со првиот човек на СДСМ да му го ослободи Танушевци, а за возврат на тоа да добие висока политичка функција во владата.
„Кој го држел Танушевци заробено и каде се оружјето и лицата кои биле подготвени да се спротивстават на македонската полиција и каква порака испраќа Заев до сите идни криминалци и насилници кои планираат да се закануваат и уценуваат?“ праша на пресот Стоилковски.
Притоа нагласи дека владата не е приватна сопственост на Зоран Заев и, како што рече, криминалниот картел околу него.
„Договорот на командант Хоџа мора да биде раскинат, а институциите мора да покажат храброст и волја да ги бранат интересите на државата. По признанието на Шаќири, мора да следи сериозна истрага и да се утврди кој се’ му помагал во заканите и со какво оружје се заканувал. Луѓето кои се закана по територијалниот интегритет и суверенитет на државата мора да се најдат зад решетки. Лицата кои се закана по безбедноста на граѓаните не смее да бидат дел од Владата“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Притоа тој праша дали премиерот е сериозен во намерите да му се издаде безбедносен сертификат од највисок степен „државна тајна“ на лице за кое, како што рече, кружеле информации дека било вмешано во убиство на полициски службеник.
„ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува надлежните служби дека издавањето безбедносен сертификат на командант Хоџа надвор од процедурите е кривично дело. Евентуалната таква постапка може да има сериозни последици“, предупреди Стоилковски.