Разрешен синдикалниот лидер на „Фени“, се испитува проневера на 100.000 евра синдикални пари

Макфакс

05/05/2018

14:52

1.553

Големина на фонт

а а а

Синдикатот на „Фени Индустри“ го разреши од функцијата досегашниот претседател Ѓорѓи Палитов. На негово место е назначен Душко Николовски кој добил обврска во рок од еден месец да организира нови синдикални избори на кои низ транспарентна постапка вработените треба да одберат лидер кој ќе ги застапува нивните вистински интереси.

Палитов е разрешен на барање на вработените по бројните забелешки дека делува како продолжена рака на раководството кое ја доведе фабриката до стечај и се залагаше „Фени“ да го добие бугарската компанија „Енекод“, а за тоа во „Макфакс“, во јануари годинава, испратија и аудиоснимка од состанок на кој претседателот на Синдикатот, според вработените, лобира за оваа компанија и покрај тоа што во велешкиот суд веќе беше отворена стечајната постапка.

Вработените се сомневаат дека Палитов проневерил околу 100.000 евра синдикални пари поради што во контрола на материјално – финансиското работење на Синдикатот на „Фени“ изминатава недела биле претставници од Синдикатот на вработените во индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). Утврдиле дека нема документи за сите направени трансакции, недостасувале фактури за направени исплати, немало одлуки на трошење на средствата, без одлука бил склучен договорот за набавка на дрва за огрев до фирмата „Прлица“ која ниту набавила дрва ниту ги вратила парите на вработените кои преку Синдикатот нарачале и ги исплатиле дрвата на рати. Контролата утврдила дека без одлука бил склучен договорот и со втората фирма за обезбедување дрва откако за „Прлица“ била поднесена тужба и неколку кривични пријави.

Немало одлука на синдикалниот одбор ниту за позајмицата на Синдикатот од бугарски „Енекод“ во висина од 3.072.500 денари. Вработените се изненадени што парите од „Енекод“ се земени како позајмица со рок на враќање од една година со камата од 4 %, а по истекот на овој рок се зголемува каматата. Од овие пари биле враќани пари на работниците кои не добиле дрва, во помал износ од уплатениот и не на сите. Вработените се жалеа дека на оние кои претседателот не ги сметал за пријатели воопшто не им се вратени пари за платените дрва, а тоа го потврди контролата која констатирала дека „на мал број работници се уште не им се вратени никакви пари“. Нема соодветна документација за позајмиците што ги давал Синдикатот, а немало ниту документи за подигнатите средства во готово од сметката на Синдикатот. Разрешениот претседател Палитов објаснил на контролата дека средствата подигнати во готово биле за помош при смртен случај и позајмици за работниците, но за тоа немало документ каса-исплати, кој е задолжителен.

Од СЕИР по контролата му дале рок од десет дена на разрешениот претседател на Синдикатот на „Фени“ да ги обезбеди потребните документи и договори кои треба да покажат дали имало проневера на синдикални пари во фабриката.

„Синдикалните пари не може да се трошат без одлуки на синдикален одбор. Контролата утврди дека за многу од трошењата нема одлуки. Во овој момент се уште конкретно не е утврдена проневера на синдикални средства но истрагата продолжува и не е исклучена можноста да се утврди и злоупотреба на дел од средствата“, вели Пецо Ристовски, претседател на СИЕР, нагласувајќи дека е добро што поголем дел од транскациите вклучително и позајмиците за вработените се вршени преку трансакциски сметки, но проблем е што нема одлуки за сите транскации.

Разрешениот претседател Палитов, вели дека има документи и одлуки за се што преземал и во дадениот род од десет дена ќе ги достави сите документи што недостасуваат.

„Јас имам доказ за се. Пишман сум што се нафатив на оваа функција, но го направив тоа сакајќи да помогнам на луѓето. Ниту една одлука не сум донел сам туку со уште двајца членови на Синдикатот и за тоа имам докази. Документирани се сите исплати од сметката без оглед дали се работело за подигање готовина или исплата преку трансакациски сметки“, изјави Палитов за „Макфакс“

За него е поведена и дисциплинска постапка оти не се појавувал на работа десет дена по ред на почетокот на април, годинава. Палитов за дисциплинската постапка вели дека е смислена хајка против него и тврди дека секое отсуство од работа како синдикален лидер го бележел кај обезбедувањето на влезот во фабриката и дека секојдневно ја отчукувал картичката кога доаѓал на работа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг