Спасовски и Заев на состанок на Европските полициски синдикати

Макфакс

04/05/2018

16:53

1.836

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска го отворија состанокот на Извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати.

На отворањето на состанокот се обратија и Андреас Симеоу, претседател на извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати, како и Ацо Антовски, претседател на Македонскиот полициски синдикат.

Сите говорници на денешниот состанок се согласија дека синдикалните организации се нужни во секое општество и дека нивната улога е клучна при поставувањето на норми и вредности во сферата на работничките права. Нагласувајќи дека синдикатите силно и неуморно се борат за правата на работниците, Премиерот Заев рече дека ги подржува сите заложби на синдикалните организации, бидејќи во одредена мера тие се коректори на власта во сегментот на работнички права.

„Затоа, Власта е отворена за дијалог со синдикатите. Крајна цел на работодавачите и државата од една страна и на синдикатите од друга, е подобрување на условите за работа на сите работници. Тоа може да се постигне само со дијалог во кој сите имаат иста цел, а тоа е благосостојбата на работникот. Со еднострани одлуки, само едната страна ќе биде задоволна. А тоа секако сите знаеме дека не е добро. Никој нема корист, а најмалку општеството, од незадоволен службеник, од незадоволен работник или од незадоволен работодавач“, рече Заев.

Тој посочи дека откако е формирана оваа Влада, таа го слуша гласот на граѓаните. Во исто време, тој истакна дека од овој принцип нема да никој да биде исклучок. „Пред македонскиот полициски синдикат и неговото раководство секојдневно стојат проблемите и отворените прашања на речиси осум илјади полициски службеници. Но, решението на тие прашања е и наша обврска. Полициските службеници секојдневно се судруваат со сторители на кривични, на прекршочни, а многу често и на тешки дела. Затоа мора да гарантираме дека по завршување на работното време, тие ќе се вратат дома кај своите најблиски, спокојни и безбедни. А утредента ќе се вратат на работните места и ќе ги заштитат сите граѓани, сите нас, децата, младите, возрасните, пензионерите – целото општество“, додаде Заев.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски од своја страна истакна дека е оправдана потребата за постојано афирмирање и надградување на синдикалното организирање и работење. „Раководството на министерството ја пружа својата целосна и безрезервна поддршка за развојот на синдикализмот, трудејќи се да ја интензивира неопходната социјална соработка и партнерство со синдикатот, која отвора нови перспективи и можности за конкретни и поквалитетни договарања и решенија. А се со една цел: подобрување на професионалниот, социјалниот, економски статус на сите вработени во нашата институција“, истакна Спасовски.

Тој на македонскиот полициски синдикат му порача да ги употреби сите инструменти со кои ќе ги заштити и ќе ги унапреди правата на своите членови. „Од заеднички интерес е да ја реафирмираме полицијата во вистински сервис на граѓаните“, истакна министерот Спасовски и додаде: „На тој пат мораме постојано да соработуваме дефинирајќи ги и имплементирајќи ги заедничките интереси и цели. Како во поглед на процесот на натамошно усогласување на платите на вработените во МВР со сродните институции во државата, но и со оние од регионот, така и во поглед на севкупните реформски зафати пред кои што е исправено Министерството како институција“.

Од Македонскиот полициски синдикат истакнаа дека се надеваат дека ќе продолжи социјалниот дијалог со Владата, со цел уште повеќе да се подобрат условите за работа на полициските службеници.

Претседателот на Извршниот Комитет на Советот на Европските полициски синдикати, Андреа Симеоу истакна дека полицијата е многу голем и важен дел од општеството, бидејќи нејзината примарна задача е заштита на граѓаните. Тој на Заев му порача да го продолжи добриот дијалог и да продолжи да гради заедничка почит и соработка со земјите од Европа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг