Јанушев: Граѓаните нема да заборават дека автопатот Демир Капија-Смоквица е проект на ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

23/04/2018

19:18

1.840

Големина на фонт

а а а

Пуштањето на автопатот Демир Капија-Смоквица доцни цели осум месеци, рече денеска на прес-конференција Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку СДСМ го ставеше политиканството во втор план и се посветеше на интересите на граѓаните, овој автопат ќе беше во употреба уште во август минатата година и граѓаните ќе можеа побргу и побезбедно да се движат по Коридорот 10“, истакна Јанушев.

Како што наведе тој, ВМРО-ДПМНЕ го реализирала проектот за изградба на автопатот до завршна фаза уште во мај 2017 година.

„Преостануваше само да биде преместен уште еден далновод и да се заврши контролната соба. Целиот автопатот од 28 километри, кој поминува низ сложен карпест терен, беше завршен за 5 години. СДСМ потроши цела една година за преместување една бандера и за доизградба на една просторија“, потенцира генералниот секретар на опозициската партија.

„СДСМ неосновано го одложуваше пуштањето во употреба на автопатот со цел граѓаните да заборават дека автопатот е изграден од ВМРО-ДПМНЕ и да се создаде впечаток дека, ете, и СДСМ нешто изградил. Граѓаните не се со кратка меморија и покрај потценувачкиот однос што секојдневно го добиваат од СДСМ, граѓаните точно знаат кој, што и колку направил“, додаде Јанушев, кој истакна дека овој автопат, исто како и автопатот Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, е почнат и бил во напредна фаза на реализација токму во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека сите проекти што СДСМ и Заев ги најавија како свои се проекти на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ нема почнато ниту еден километар нов автопат. Добро е што СДСМ во недостиг на сопствени идеи и проекти ги продолжува проектите на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи од нив полза имаат граѓаните. Им порачуваме во иднина, токму заради доброто на граѓаните, да не ги кочат проектите почнати од ВМРО-ДПМНЕ. Неодговорноста што ја манифестираат и политиката на неработење мора да запре. Граѓаните очекуваат работа и посветеност. Ноторен факт е дека СДСМ не знае да работи“, рече Јанушев на денешната прес-конференција.




Спонзорирани линкови

Маркетинг