Анализа на „Политико“: Зад постапките на Ким можеби не се крие желба за мир, туку далеку поопасна тактика...

Точка

23/04/2018

15:41

9.028

Големина на фонт

а а а

Северна Кореја во изминатиов период се потруди да покаже добра волја, но можеби тоа се случува само за Пјонгјанг да не биде обвинет за евентуален неуспех во преговорите.

Севернокорејските најави дека веднаш прекинуваат со нуклеарните проби, тестирањата на балистичките проектили и затворањето на главниот полигон за тестирања, даваат прилично добар „ветер во грб“ на предстојниот историски состанок помеѓу Доналд Трамп и Ким Јонг Ун, стои во анализата на „Политико“.

Сепак, тие истовремено се мрачен потсетник за тоа колку Доналд Трамп и неговите азиски сојузници ќе мора да бидат дипломатски вешти и подготвени на ризици за таа увертира на Ким да ја претворат во нешто трајно.

Според „Политико“, тоа е посебно важно затоа што познато е дека Северна Кореја и не е баш позната по тоа што ги исполнува своите ветувања.


Колку и да се пофални потезите на Ким Јонг Ун, тие и натаму се далеку од тоа што Вашингтон го смета за услов за постигнување на било каков договор - сериозна посветеност на Пјонгјанг кон конечно откажување од нуклеарната програма и тоа под лупа на меѓународните инспектори.

„Што се однесува до воведот во состанокот, би им дал признание на администрацијата на Трамп за тоа што досега го постигнаа, но Северна Кореја тука доаѓа од позиција на сила. Тие својата нуклеарна програма веќе ја развија и нема само така лесно да се откажат“, изјави поранешниот министер за одбрана на САД, Вилијам Пери.

Новото лице на режимот

Но, освен воениот, Северна Кореја во меѓувреме изгради и прилично голем политички капитал. После повеќе децении, Северна Кореја покажува дека навистина е подготвена за разговори.

После обраќањето на Ким во нормално одело, а не во униформа и испраќањето на неговата сестра на ЗОИ, следуваа и поконкретни потези - таен состанок со доскорешниот прв човек на ЦИА, Мајк Помпео, како и наскоро средба со јужнокорејскиот претседател. Исто така, како што нагласува „Политико“, Северна Кореја дури и се откажала од барањето САД од Јужна Кореја да ги повлече своите војници, како предуслов за почеток на преговорите.


Така подадената рака е секако голем чекор, но воедно крие и опасност. Северна Кореја се потруди да ја покаже својата добра волја, можеби само затоа што Пјонгјанг не сака да биде обвинет за евентуално пропаѓање на преговорите.

„Досега, тие ги направија сите отстапки. САД се тие кои што се поставуваат апсолутно. Тоа Северна Кореја ја става во многу добра позиција ако преговорите не успеат“, смета Џон Волфстал кој што беше задолжен за нуклеарното вооружување за време на мандатот на Барак Обама.

Ќе се бара невозможното?

Упатените претпоставуваат дека на самите преговори би можело да се побараат некои работи кои што Вашингтон тешко дека ќе ги проголта. Пред се, мир со САД, наместо примирје, дипломатски односи со Вашингтон, а речиси сигурно е дека Ким Јонг Ун ќе побара и вложувања и трговски отстапки.


Но, дури и Трамп да се согласи на сето тоа, останува прашањето дали тој може да биде сигурен дека ќе бидат исполнети ветувањата на Пјонгјанг. Некои заговараат Северна Кореја да го потпише договорот за забрана на нуклеарни тестирања, но тука повторно има пречка - тој договор не е ратификуван од САД, иако Американците се потписници.



Спонзорирани линкови

Маркетинг