За неговиот 28-ми роденден телескопот Хабл нè почести со неверојатна фотографија од маглината Лагуна

Точка

20/04/2018

22:54

9.296

Големина на фонт

а а а

Во суштина не го сакам летото, но го обожувам летното ноќно небо. Ако имате среќа да живеете на некој крај од Скопје, како мене, подалеку од градската светлина, во лето ќе го имате најубавото ѕвездено небо. И сега замислете дворче, пивце на маса и двоглед во рака (ако имате телескоп уште поубаво, љубоморна сум), верувајте ми нема поубаво.

Покрај месечината, Венера и Јупитер со неговите 4 големи сателити, еве ви уште еден предлог за набљудување со двоглед.  Пронајдете го соѕвездието Стрелец и можеби ќе ви се посреќи да видите мала „флека” на ноќното небо. Тоа е маглината Лагуна, исто така, позната како Месиер 8, ѕвездено родилиште на околу 5.000 светлосни години од нас.

Кога ќе помислите тоа е прилично неверојатно. Но, за да ја цениме големината на маглината, погледнете ја оваа прекрасна фотографија која ја објави НАСА за 28-миот роденден на Хабл.


Во средината на сликата има светла млада ѕвезда, која има само еден милион години, наречена Хершел 36 (Herschel 36). Таа е 200.000 пати посветла од сонцето и поминува низ малку бурна фаза, таа емитира големи количества радијација и брзи ѕвездени ветрови. Целата слика е околу 4 светлосни години во должина. (Mind blown)

Горната слика (и сликата подолу лево) била фотографирана од телескопот во видлива светлина, но од десната страна е во инфрацрвена.


Во инфрацрвена светлина, повеќето ѕвезди се видливи, но има некои точки што Хабл не може сосема да ги види. Ги гледате оние темни правливи дамки? Тоа се Бок глобули(темни облаци од згусната прашина и гас), тука се формираат ѕвезди и планети. Додека Хабл не може да види низ нив, телескопот Џејмс Веб би требало да биде во можност да ѕирне внатре - откако ќе биде лансиран.

И како бонус фотографија, еве како Хабл ја уловил маглината Лагуна во 1996 година.


Вселенскиот шатл Дискавери го лансира Хабл пред 28 години. Тој не запозна со неверојатни и незамисливи места во универзумот и се надеваме дека и понатаму ќе продолжи вака да нè изненадува. Среќен роденден Хабл!




Спонзорирани линкови

Маркетинг