Прв Дигитален самит на Западен Балкан во Македонија

Макфакс

18/04/2018

10:53

1.111

Големина на фонт

а а а

Република Македонија е домаќин на првиот Дигитален самит на земјите од Западен Балкан. Самитот е дел од берлинскиот процес и претставува можност за приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

На Самитот ќе бидат презентирани и конкретни начини како да се добијат подобри дигитални услуги, како ИТ-фирмите да се поврзат подобро и како младите да добијат квалитетни дигитални вештини.

Најавено е присуство на премиери, владини претставници, бизнисмени, регионални организации и на академската заедница, кои ќе разменат идеи и предлози за заедничко дејствување. Ќе се разговара за намалување на цените на роамингот, сајбер-безбедноста, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните и меѓусебно дигитално поврзување на земјите од регионот. Се очекува да произлезе и заедничка иницијатива за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати.

Истовремено, ќе се одржи и „Експо саем“ на ИТ-фирми, на кој компаниите од дигититалната сфера ќе ја презентираат својата работа, а ќе биде организиран и камп за стартап-компании, како и конференција посветена на лажните вести.

Надвор од организацијата на Самитот најавено е дека ќе се одржи и вечера, на која ќе присуствува високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, со премиерите од земјите од Западен Балкан, кои ќе учествуваат на Самитот.

За организација на Самитот ќе бидат потрошени 245 илјади евра, а за време на неговото одржување ќе има посебен сообраќаен режим на сообраќајниците околу хотелот „Александар палас“ и Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Ќе бидат затворени и пренасочени за сообраќај улиците Јадранска магистрала, Скупи, делови од булеварите 8 Септември, Илинден, како и другите сервисни улици што гравитираат кон двата објекта. Посебен сообраќаен режим е предвиден и за обиколницата на автопатот до скопскиот аеродром.



Спонзорирани линкови

Маркетинг