Постојат сигурни докази дека во Сирија имало напад со хемиско оружје, тврдат американски медиуми

Макфакс

13/04/2018

10:22

2.038

Големина на фонт

а а а

Американски научници добиле примероци од крв и урина на жртвите од нападот во сирискиот град Дума, кои наводно покажале дека во истиот било користено хемиско оружје, пренесува телевизијата MSNBC.

Од друга страна, сирискиот амбасадор во ОН, Башар Џафари, за новинарите изјави дека два истражни тима на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) допрва треба да пристигнат во Сирија за да ги испитаат наводите за нападот во Дума.

„Овие две групи ќе пристигнат во Сирија одвоено… Ние сме подготвени да ги испратиме до местото каде што сакаат да одат, кога и да посакаат“, рече Џафари. Сепак, од OPCW и натаму официјално го немаат потврдено испраќањето нивни тимови во Сирија.

## https://twitter.com/MSNBC/status/984480453460717570##

Сириските власти, пак, истакнуваат дека Западот ќе биде одговорен за секое одложување на мисијата на OPCW за испитување на наводниот хемиски напад во земјата. Неименуван извор од сириското Министерство за надворешни работи за државната телевизија изјавил дека западните земји се обидуваат да ја попречат мисијата на OPCW и да се вмешаат во нејзината работа.

Дума е последниот град во областа Источна Гута контролиран од бунтовниците, а во петокот сириската армија почна жесток напад, при што наводно загинале десетици луѓе. Сириската бунтовничка група Џжаиш ал Ислам во саботата ги обвини владините сили дека фрлиле буре-бомба со токсични хемикалии врз населба во Дума, при што имало многу мртви и повредени цивили.

САД, Велика Британија и Франција ги обвинуваат сириските владини сили дека стојат зад наводниот напад со хемиско оружје во Дума и се заканија со ракетен напад поради кршењето на меѓународните конвенции.