СДСМ: Граѓаните ги чувствуваат придобивките од успешните економски политики на Владата

Макфакс

04/04/2018

16:39

1.416

Големина на фонт

а а а

По сето она што за 11 години им го направи на граѓаните, државата и економијата, ВМРО-ДПМНЕ нема никаков кредибилитет да зборува за економската состојба, регираат денеска од владејачката СДСМ.

„Со своето расипничко и криминално владеење ВМРО-ДПМНЕ нанесе огромни штети што и денес се санираат. ВМРО-ДПМНЕ двојно го зголеми долгот, трошејќи ги парите од скапите задолжувања на луксуз, барок, споменици и палми. Пропустите на автопатиштата, неквалитетните градби како онаа на Архивот на Македонија, како и бројните грешки, освен што се симбол за неспособноста и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ трошат дополнителни средства од буџетот. Поради целосната негрижа за граѓаните и нивните интереси, погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ драстично ја зголемија нееднаквоста помеѓу граѓаните“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ истакнуваат дека за разлика од таквиот однос на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од нив минатата година успеала да обезбеди највисоко ниво на реализација на капиталните инвестиции.

„За првпат по неколку години долгот во 2017 година забележа пад, намалена е фреквенцијата на задолжување, а задолжувањето се врши по најниски каматни стапки и за првпат Министерството за финансии има стратегија за управување со јавниот и државниот долг. ВМРО-ДПМНЕ зад себе остави економија со пад од 1,3 отсто во првиот квартал од 2017, а со успешните политики на Владата предводена од СДСМ, економскиот раст во последниот квартал од 2017 година изнесуваше 1,2 отсто. Невработеноста во јануари 2018 е намалена во однос на истиот месец од 2017, 90.000 граѓани добиваат повисока минимална плата од 12.000 денари, која важи за сите работници, а индустриското производство и вработеноста бележат сериозен раст“, наведуваат од владејачката партија.

Оттаму истакнуваат дека бројни економски параметри ја потврдуваат успешноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ и затоа, очајни и несериозни се празните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ во коишто, како што велат, никој повеќе не верува.



Спонзорирани линкови

Маркетинг