Пресврт во случајот за кој е обвинета Русија: Британците немаат докази дека отровот во случајот Скрипал дошол од Русија, се огласил и Путин

Точка

04/04/2018

11:50

4.840

Големина на фонт

а а а

Британските научници не можат да докажат дека нервниот отров со кој бил отруен поранешниот руски шпион е произведен во Русија.

Експертите од британската воена лабораторија Портон Даун не успеале да го одредат точниот извор на хемиското оружје користено во нападот на таткото и ќерката Скрипал во Салисбери минатиот месец, признал главниот директор на овој оддел во рамките на британското Министерство за одбрана. Додал дека британската влада користела "одредени други извор за да го заврши" заклучокот дека зад нападот стои Кремљ, пренесува "Independent". 

Не можат да го препознаат изворот

Оваа изјава дошла откако Русија побарала Британија да и претстави "секаков можен елемент на доказ" дека токму таа е одговорна за наводниот обид за убиство кој предизвикал глобален дипломатски судир и довел до најлоши односи на Москва и бројни западни земји уште од Студената војна. Кремљ демантира било каква вмешаност во нападот од 4. март, по кој поранешниот шпион и неговата ќерка Јулија се борат за живот.

"Ние успеавме да го идентификуваме отровот и да потврдиме дека се работи за Новичок, идентификувавме дека се работи за боен нервен отров", рекол Гери Аиткенхед, главен директор на Одбранбената научно-технолошка лабораторија во Портон Даун. "Не го идентификувавме точниот извор, но и дадовме научни информации на владата која потоа користеше бројни други извори за да дојде до заклучоците".

Кој е одговорен?

Неговите коментари веројатно ќе ги искористи Кремљ, кој демантирал дека постои програм за боеви нервни отрови и чиј министер за надворешни работи во понеделникот утврдил дека "само британската влада би имала корист од труењето на Скрипал".

Аиткенхед одбил да го коментира фактот дали неговата лабораторија поседува резерви од Новичок, но ги отфрлил сугестиите дека отровот користен во нападот во Салисбери дошол од неговата лабораторија.

Путин: Се надевам дека ќе се повлече линија

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот рекол дека се надева дека во среда на состанокот на глобалното тело за надзор на хемиско оружје, ќе може да се повлече линија под случајот труење на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал.

Путин на прес конференцијата во Анкара исто така рекол дека е изненаден од брзината, како што рекол, на антируската кампања предизвикана од британските обвиненија дека Москва стои зад нападот со нервен отров на Скрипал на 4. март.

Тој нагласил дека лидерот на британската воена лабораторија во вторникот рекол дека не може да се каже каде е произведен нервниот отров со кој бил нападнат Скрипал. Путин рекол дека таквите супстанци се произведуваат во 20 земји.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, на новинарите им рекол дека британската теорија за тоа кој го отрул Скрипал "секако нема да биде потврдена".

Москва негира дека стои зад нападот на Скрипал и неговата ќерка во англискиот град Салисбери.




Спонзорирани линкови

Маркетинг