Суспендиран раководител од Агенцијата за млади и спорт, штетата за книгата ќе ја плати Комисијата

Макфакс

03/04/2018

15:26

3.450

Големина на фонт

а а а

Агенцијата за млади и спорт ќе поведе дисциплинска постапка и ќе го суспендира раководителот на секторот млади поради пропустите направени со објавувањето на збирката поезија, која поради сексизмот и дискриминацијата предизвика бура реакции во јавноста.

Комисијата, која ги избирала најдобрите три песни, постапила несовесно и непрофесионално и нејзините членови ќе преземат одговорност за објавувањето на песните со дискриминирачка содржина во збирката „Млади поети“.

Директорот на Агенцијата, Дарко Каевски, на прес-конференција рече дека одговорност ќе преземат членовите на Комисијата што го вршела изборот на песните бидејќи, според него, таа имала и должност да направи избор кои од песните ќе бидат објавени. Од нив ќе се бара и надомест за направената штета од 170 илјади денари за печатењето 5.000 примероци на оспорената книга.

Каевски не размислува да поднесе оставка, туку инсистира да се истражи случајот и да се лоцира одговорноста. Според него, утврдено е несовесно и непрофесионално работење кај неколку субјекти што имале активна улога за конкурсот, што довело до објавување на содржината во која има родова и етничка дискриминација.

„Комисијата имала обврска да изврши селекција на пристигнатите песни, а одговорноста за извршенот избор ја имаат нејзините членови. Агенцијата ќе поведе постапка и ќе бара од Комисијата да ја надомести штетата во целост“, рече Каевски.

Тој рече дека како директор не дал никаква писмена или усна согласност да биде уредник на зборката песни, а Агенцијата за млади и спорт не може да биде издавач ниту, пак, тој како овластено лице не може да биде уредник во согласност со Законот за издавачката дејност.

„Поради несовесно извршување на работните обврски, Агенцијата донесе одлука за формирање комисија за утврдување дисциплинска постапка и за суспендирање на раководителот на секторот млади“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг