Не стивнува бурата поради апсењето во Косово: Ме влечеа како куче, правеа селфи, еден извади нож...

Точка

27/03/2018

16:37

10.211

Големина на фонт

а а а

Марко Ѓуриќ, шефот на Канцеларијата за Косово и Метохија при Владата на Србија, се обрати до јавноста еден ден подоцна откако косовската полиција го уапси во Косовска Митровица и го депортираше од Косово.

Ѓуриќ порача дека е горд на српскиот народ кој што, како што рече, се одбранил со „методите на Ганди“. Тој додаде дека „албанските сепаратисти на брутален начин, со насилство и терор, се обиделе да го заземат северот на Косово“.

„Тоа за мене не се полицајци, тоа е разулавена терористичка банда. Ги испратија на голораки и невооружени луѓе. Тоа е срамно за нив и за сите оние кои што молчеа и на тој начин покажаа дека се согласуваат со тоа“, изјави Ѓуриќ, пренесува српски „Б92“.

Припадниците на косовската полиција тој ги нарече „вооружена фаланга“ и додаде дека го „влечеле како куче“, со што сакале да го понижат него, но и цела Србија, односно целиот српски народ.

„Ме ставија во еден од транспортерите, ме удираа, се обидуваа да ме заплашат, ми ги ставаа пушките во стомак. Еден извади нож. Правеа селфи со мене. На патот до Приштина пееја и извикуваа Алаху Екбер“, изјави Ѓуриќ, додавајќи дека има болки, но се чувствува добро.

Тој тврди дека теророт и насилството над Србите ќе продолжело доколку немало „еден повик од Белград“, но не открил за каков повик станува збор.


Ѓуриќ беше уапсен во понеделник во околу 17:00 часот во Косовска Митровица, по што беше пренесен во Приштина на испитување, а потоа и протеран во Србија.

Косовските власти во текот на вчерашниот ден им забранија влез во Косово на српските министри Александар Вулин и Владан Вукосављевиќ, а претходно влезот во Косово му беше забранет на првиот човек на владината канцеларија за Косово - Марко Ѓуриќ, како и на главниот секретар на српскиот претседател, Никола Селаковиќ.

И покрај забраната, Ѓуриќ и Селаковиќ требало да учествуваат на собир во Косовска Митровица, па поради тоа припадниците на Косовската полиција добиле задача да не му дозволат на Ѓуриќ да ја премине административната линија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг