Алија Камбероски, кој e прв на листата на топ 20 пратеници според потрошените средства за патни трошоци за 2017 година што ја објави „Макфакс“, патува од Лабуништа, Струга, и во еден правец поминува околу 174 км за да стигне до Скопје.
Според пресметките што може да се добијат на порталот viamichelin.com, во просек патот до Скопје од оваа локација еден граѓанин кој патува со свој автомобил, без патарините, би го чинел нешто повеќе од 18 евра или 36 евра во двата правци. Доколку на тоа се додадат и околу 5 евра за патарини во двата правци, трошоците би изнесувале 41 евро за патот до Скопје. Ако во месец со набиена агенда еден граѓанин реши да патува 20 пати до Скопје и назад од оваа локација, според оваа пресметка, ќе потроши околу 820 евра за патни трошоци. Доколку се примени актуелното правило за враќање на 30% од оваа сума, тогаш граѓанинот би требало да врати 246 евра од патните трошоци.
Но, трошоците за пратениците се пресметуваат според друга методологија бидејќи не им се брои само потрошениот бензин туку и изминатите километри. Тие со сегашната одлука на Собранието имаат право на надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво според изминат километар, плус патарините. Па така, во април Камбероски земал околу 2 илјади евра за патни трошоци, во јули 2364 евра, додека во ноември 2427 евра.
Камбероски од март до ноември лани за само девет месеци од Собранието добил 12.847 евра за патни трошоци, што значи дека во просек само за патот до Собранието и назад месечно добивал дополнително по 1.427 евра.
Пратениците и лани зеле по 10-12 илјади евра за патни трошоци
Слично е и кај многу други пратеници кои потекнуваат од други градови и во одредени месеци земале по две и повеќе илјади евра за патни трошоци.
Според Одлуката за висината на надоместокот на пратениците, тие може да го користат ова право и за седници на работните тела, како и за учество во работата на делегации, пратенички групи, семинари, средби. Но, според упатените, во финалната пресметка за враќање на патни трошоци не влегуваат само потрошениот бензин и патарините туку и амортизацијата за возилото и други трошоци.
Според објаснувањата што ги добивме од вработени во собраниската финансиска служба за тоа како се прави пресметката на патни трошоци за рефундирање кај пратениците, пратениците прво приложуваат патна сметка. Тие се потпишуваат во списоци за секоја активност во Собранието и доколку се потпишани, имаат патна сметка и приложуваат патарини закачени за таа патна сметка и потоа се внесуваат во програма што им ги пресметува сумите за патни трошоци.
Според нив, ако хипотетички еден пратеник поминал 100 км и вредноста на горивото е околу 100 евра, тогаш тој добива враќање од 30% од тие 100 евра или 30 евра.
„Макфакс“ од Собранието ги побара, но не ги доби копиите од сите сметки за патарини и бензин што биле поднесени до законодавниот дом за враќање на патни трошоци од 2017 за десетина пратеници кои во изминатиот период се споменуваа како оние што најмногу трошеле за патни трошоци. Од Собранието нè информираа преку телефон дека доставата на ваквите копии не може да ја обезбедат бидејќи тоа ќе значело премногу фотокопирање и време за службите, па затоа не може да добиеме увид во копиите од патарините.
Направивме повторен обид преку генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, да добиеме увид во дел од копиите, но таа нè упати да испратиме ново барање за слободен пристап или, пак, да испратиме жалба на делумно одговореното барање.
Дел од пратениците кои се најдоа во ТОП 20, според патните трошоци според нивните анкетни листови кои ги доставиле до Антикорупциска, поседуваат и станови во Скопје. Томислав Тунтев во имотниот лист пријавил дека поседува стан од 39 квадрати во Скопје. Пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ исто така пријавил дека има стан во Скопје од 57 квадрати. Неговиот колега од истата партија, Сашо Василевски, пријавил дека неговата сопруга има стан во Скопје од 91 квадрат, а исто така и пратеничката Јагода Шахпаска пријавила стан од 62м2 како имот на сопругот.
Алија Камберовски од ПЕИ за „Макфакс“ вели дека трошоците од повеќе од 1400 евра месечно за пат до Собранието воопшто не биле високи.
„Јас патувам секојдневно, пресметајте ако секој ден патувате колку ќе ве чини. Ние сме шофери а не пратеници, дали би можел со илјада евра плата да седам во Скопје, да плаќам стан и да гледам фамилија. Имам деца, жена, тие суми не се високи, немам можност и да сакам да седам во Скопје, не ми дозволуваат фамилијарните обврски“, изјави Камберовски.
Тој додава дека непотребно се кренала фама околу патните трошоци и дека не се говори за милионите евра потрошени на разни други глупости, туку за потребите на пратениците.
„Се крена фама, а ако сакаат слободно нека најдат решение и кој сака нека нè вози, па нека си ги земат тие патни трошоци. Нека ни најдат некој на располагање 24 часа, три дена нема да издржи, секој ден патувам по 400 км, слободно нека проверат. Сè е согласно со Законот за пратеници“, вели Камберовски.
Пратеничката Затуроска рече за „Макфакс“ дека ѝ се познати податоците за потрошените средства. „Немам ништо што да додадам. Сè е видливо и во согласност со законите“, изјави пратеничката која патува од Битола. Таа додаде дека во тек се законските измени што треба да ги преполоват трошоците кои Собранието ги исплаќа за превоз и патарини. Затуроска рече дека ваквите исплати споредени со актуелната економска состојба во државата изгледаат навредливо.
Пратеникот Сурија Рашиди исто така смета дека непотребно се кренала многу фама во јавноста за патните трошоци.
„Мислам дека целта е напад врз дигнитетот на пратениците и авторитетот на Собранието. Од моја страна нема никаква злоупотреба, патувам дневно по 350 км, не сум бил пратеник кога е донесен тој закон, сè е законски. Ако математиките кажат дека навистина се големи, тогаш може да се преземат мерки. Лично мислам дека треба да се размисли за добар закон кој веќе нема да остава впечаток дека ќе има простор за злоупотреби. Да не дојдеме во ситуација да немаме на крај луѓе заинтересирани да се пратеници“, вели Рашиди.
Пратеничката група на СДСМ поднесе иницијатива за намалување на патните трошоци и надоместокот од 30 отсто од цената за изминат литар бензин да се преполови на 15 отсто. Предлозите поминаа како точка на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет, а работата е запрена во Комисијата за политички систем, каде што треба да се формира работна група. Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, се чека да се вратат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за да поминат предлозите.