Рускиот претседател Владимир Путин денеска на повикот на американскиот претседател Доналд Трамп да ги поштеди животите на украинските војници изјави дека за тоа е неопходна наредба од украинското раководство до армијата да го положат оружјето и да се предадат.
„Во таа насока, би сакал да нагласам дека доколку го положат оружјето и се предадат, ќе им се гарантира живот и достоинствен третман во согласност со нормите на меѓународното право и законите на Руската Федерација“, рече Путин.
Тој посочи дека „украинските милитанти извршиле бројни злосторства против цивилното население на Русија“, но дека ги цени напорите на администрацијата на Трамп за нормализирање на односите со Москва, пренесува РИА Новости.
„Новата администрација, предводена од претседателот Трамп, прави се за да врати барем дел од она што беше практично сведено на нула, што беше уништено од претходната американска администрација“, рече тој.
Претходно денеска Трамп изјави дека имал многу добри и продуктивни разговори со неговиот руски колега Владимир Путин и дека постои веројатност војната во Украина да заврши.
„Постојат многу добри шанси оваа ужасна, крвава војна конечно да заврши, но во овој момент илјадници украински војници се целосно опколени од руската армија и се во исклучително тешка и чувствителна ситуација“, рече Трамп на социјалната мрежа „Вистина“.
Тој рече дека побарал од рускиот претседател да ги поштеди животите на украинските војници.
„Тоа би бил ужасен масакр, невиден од Втората светска војна. Господ нека им е на помош“, рече Трамп.
Путин и Трамп разговарале телефонски во четвртокот.