„Анима мунди“: Во Берово е извршено масовно труење на животни

Макфакс

28/12/2017

15:23

1.095

Големина на фонт

а а а

Од здружението за заштита на животни „Анима мунди“ денеска преку соопштение ја информираат јавноста дека во Општина Берово е извршено масовно труење животни.

„На улица, пред очите на граѓаните, неретко деца, во агонични маки (тетеравење, повраќање, плукање крв, гушење) се убиени голем број животни. Призорот во Берово е исклучително вознемирувачки и шокантен, активисти од беровската Иницијатива за заштита на животните, како и голем број граѓани сведочат за трупови од животни насекаде низ градот“, стои во соопштението на здружението.

Како што наведуваат од „Анима мунди“, имаат основани сомненија дека се работи за организирано труење.

„Оние кои малку подобро ја познаваат оваа проблематика, а и по логика на нештата, знаат дека во случаи кога се работи за голем број жртви и отрови поставени на повеќе локации во градот, не станува збор за изолиран случај“, се истакнува во соопштението.

Беровската Иницијатива за заштита на животните веќе се обратила до институциите на Општината со барање за преземање итни мерки за решавање на овие појави кои не се случуваат првпат во општината, отворање истрага, контрола над слободната продажба на отровни материи, како и најстрого санкционирање на сторителите.

Од „Анима мунди“ апелираат граѓаните да пријават доколку имаат какви било сознанија за потенцијалните сторители, како и институциите да реагираат веднаш за да се фатат и најстрого казнат сторителите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг