Екипата на Манчестер Сити успешно мина уште една пречка и тоа во англискиот Лига Куп каде по пеналите славеше над Лестер и на тој начин се пласираше во полуфиналето на ова натпреварување.
„Граѓаните“ иако настапија со комбиниран тим работата можеа да ја завршат по 90 минути, но во судиското продолжение судијата Боби Медли досуди сомнителен пенал кој го реализираше Варди и со тоа го одведе мечот во дополнителни 30 минути.
На крајот лидерот во ПЛ успеа да дојде до целта, па поради тоа тренерот Пеп Гвардиола не се задржа повеќе на судењето и притоа отфрли едно сценарио-неговите момци да ги соберат сите пехари.
- Пенал или не најважен е начинот на кој реагиравме. Можевме да паднеме зошто беше последна минута, особено со многу млади играчи, ама од првата минута од продолжението ние се обидувавме да победиме. Имавме две опции, да се жалиме или да кажеме: Во ред, се соочуваме со ситуацијата и одиме напред. Повторно исчекоривме напред, -рече Гвардиола притоа посочувајќи оти нема шанси Сити да дојде до сите пехари во оваа кампања:
- Тоа нема да се случи. Тоа не е реално, тоа не е нормално.Во фудбалот губите натпревари, испуштате поени. Не размислувам за бројот на титули, размислувам за закрепнување и следниот натпревар. Во процесот уживате во моментите, нема смисла да чекате. Среќен сум, поминавме понатаму, не можеме да играме во сите четири натпреварувања со истите играчи., па направивме промени. Не беше најдобар настап, ама за младите момци ова ќе биде добро искуство за во иднина. На крајот Лестер го имаше целиот тим и ние се спротиставивме, -заврши шпанскиот стручњак.







